„ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ СО АПЕЛ: Воздржете се од полнење базени

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Моменталната состојба со коронавирусот, затворањето на границите и немањето можност за заминување на одмор во прекуграничните туристички дестинации ги принудија граѓаните горештините да ги ублажуваат во своите домови, купувајќи базени и разладувајќи се на традиционалниот начин со наводнување и миење на дворовите.
Скоро и да нема дом во метрополата во кој нема базен, насекаде се слуша детски џагор од задоволството предизвикано од капењето во детските базени, а на социјалните мрежи врие од фотографии од граѓани со базени во своите дворови.
Некои граѓани одличија летото да го поминат дома, поради големиот метеж низ туристичките места во земјава, па затоа и инвестирале во базени, за да можат да се разладат од високите температури.

– Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелира до граѓаните на градот Скопје за сериозен пристап кон рационалното користење и употреба на водата. Последиците од климатските промени стануваат дел од нашето секојдневие. Високите температури, кои достигнуваат и до 40 степени, придонесуваат за енормно зголемување на потрошувачката на водата и намалена штедрост на изворот Рашче – соопштуваат од претпријатието.

Оттаму истакнуваат граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување поголеми зелени површини, полевање ниви и бавчи со водата од градскиот водоснабдителен систем, со единствена цел нормално водоснабдување во секој дел од градот Скопје.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги повикува сите граѓани што имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци да пријават во Дежурно-информативниот центар (02 3073 010), Дирекцијата (02 3240 300) или на kontakt@vodovod-skopje.com.mk; -www.vodovod-skopje.com.mk и на www.facebook.com/jpvodovod.skopje – велат од јавното претпријатие.

Сподели.