Уште една недела од предизборната кампања

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули е на средина, а партиите ја вжештуваат дебатата за економијата, правната држава и корупцијата. Сѐ почесто се користи и Јутјуб каде се објавуваат разни аудио снимки од прислушувани разговори, најчесто на лидерите на двете најголеми партии- Христијан Мицкоски и Зоран Заев.

Партиите своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, во помал формат согласно здравствените протоколи.

СДСМ и Коалцијата „Можеме“ денеска се во Крива Паланка и Дебар, а ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата за „Обнова на Македонија“ ќе бидат во посета на Петровец, Илинден, Центар и Кисела Вода.

ДУИ и нивниот кандидат за премиер ќе ја претстават програмата пред граѓаните во Тетово.

Предизборниот караван на политичката платформа Македонски концепт ќе биде во посета на градовите: Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар и Ресен, додека Левица ќе биде во Гевгелија, а Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ во Прилеп.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, вчера од општина Гази Баба, порача дека времето на национализам и лажен патриотизам е завршено.

„Најголем патриот е оној којшто носи храбри одлуки за иднината. Стратешката цел за членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ ја остваривме. Во преговарачката рамка не случајно е напишано сите акти да се преведат на македонски јазик, на македонски не на северџански, како што оние од ВМРО-ДПМНЕ ни го навредуваат јазикот. Прво тоа е признавање, по не знам кој пат од ЕУ на нашиот македонски јазик“, изјави Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера од општина Карпош, порача дека тоа што ги прави поразлични од своите политички противници, е љубовта кон својата држава.

„Ја чувствувам енергијата на промени, дека народот сака овој пат да си ја врати државата, која му беше киднапирана“, изјави Мицкоски, потсетувајќи дека македонскиот народ секогаш се исправувал и победувал и против потешки противници и пред поголеми предизвици.

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вчера заедно со првиот албански кандидат за премиер, Насер Зибери одржаа собир кај Камениот мост во Скопје, од каде порачаа дека кандидатурата за премиер Албанец ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на земјата, а ќе има и позитивно влијание врз економијата.

Тие со порака за обединување ги повикаа граѓаните за рушење на идеолошките и националистички ѕидови кои ги делат народите и за обединување на сите кои веруваат во идеологијата „Еднаква земја” за сите, да дејствуваат за доброто на земјата и на сите граѓани.

Сподели.