Трипуновски: Продолжува агонијата на земјоделците производители на праска од Росоман

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Трета година по ред откако СДСМ е на власт производителите на праска од Росоман немаат откуп за својот род. Производството наместо на откуп завршува на буниште.

Иако ВМРО-ДПМНЕ и укажуваше на власта уште минатата година дека се усложнува извозот на праската посебно за рускиот пазар, власта и ресорното министерство не пристапија кон изготвување на план и стратегија за негово решавање, напротив носат ад – хок мерки кој дополнително временски го пролонгира откупот и пласманот на праската.

Власта бара од земјоделците пред да го извезат својот род на сопствен трошок да направат анализа која трае од 5 – 7 дена, а потоа да можат да извезат својот род. Имено владата предвидела дека земјоделците откако ќе ги наберат праските и ќе ги спремат за утовар треба од истите да земат неколку мостри и да ги однесат во надлежната лабораторија.

Периодот од 5 – 7 дена е период за кој праските буквално може да станат мармалад додека ја чекаат дозволата за извоз од Државниот земјоделски инспекторат.

Дополнителниот услов е директен удар врз земјоделците, како малите, средните, така и поголемите, кои немаат ладилник каде што ќе можат во рок од 5 – 7  дена да ги складираат праските додека траат соодветните анализи.

Власта со оваа нова регулатива дополнително го отежнува извозот и го осакатува македонскиот земјоделец. Земјоделството го прави неисплатливо и се повеќе земјоделци ги корнат или сечат нивните децениски насади и го напуштаат земјоделството како основно занимање.

Бидејќи ова се случува трета година по ред се доведува во прашање опстанокот на земјоделците во тој регион затоа го повикуваме Зоран Заев и ресорниот министер, ако се уште е министер, да излезат на терен и да преземат брзи и конкретни мерки за решавање на откупот, цената и пласманот на праската, бидејќи се работи за земјоделски производ кој не трпи одложување на бербата.

Сподели.