Спасовски сам си го платил портретот во премиерската галерија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во галеријата со портрети на поранешните премиери, која се наоѓа пред влезот на кабинетот на претседателот на Владата, минатата недела е поставен најновиот, со ликот на екстехничкиот премиер Оливер Спасовски, пишува „360 степени“.

Од Владата за „360 степени“ велат дека тој самиот го нарачал и лично платил за својот портрет, а од буџетските средства биле потрошени 8 673 денари за негово врамување.

Практиката со која ликовите на поранешните премиери се овековечуваат на ѕидот пред влезот во кабинетот кој е резервиран за таа намена е воспоставена по последното реновирање на Владата, кога таа ја доби барокната обвивка.

Сите портрети, вклучувајќи го и последниот, се вертикални, освен оној на експремиерот Груевски, кој е во хоризонтална позиција.

Интересен е фактот дека, следејќи го редоследот (може да се забележи на видеото од примопредавањето на функцијата), во низата премиерски портрети недостига оној со ликот на Зоран Заев, иако тој беше на таа позиција по Емил Димитриев, а пред Оливер Спасовски.

Од Владата за „360 степени“ објаснуваат дека слика со портрет на премиерот Заев не е поставена бидејќи тој е избран за уште еден мандат од четири години, период на реализација на обврските кон граѓаните кој штотуку започнал.

Инаку, според најавите од владините партнери за укинување на т.н пржинска влада, идеја за која во предизборието даде поддршка и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, портретите на Димитриев и Спасовски ќе останат забележани во историјата и како единствени на технички претседатели на Владата.

Сподели.