Собранието блокирано поради немање на кворум

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Опозицијата ја напушти пленарната сала, па мнозинството остана без потребниот кворум за продолжување на седницата. Собранието денеска не успеа да ја заврши ниту 20-тата седница започната пред еден месец ниту 21-та, започната пред две недели. На дневен ред беа десет точки, но пратениците работеа помалку од еден час.

„Се надевавме дека во зависност од создадената здравствена состојба, нашите колеги пратеници нема да злоупотребуваат, но за жал политичкиот интерес преовладуваше над општиот интерес на граѓаните и институциите. И јас, како претседател, но и мнозинството како мнозинство, од здравствени причини, не може да одговориме и да го обезбедиме она што треба да се обезбеди.“

Опозицијата не појасни зошто ја напушти салата. Опасноста од блокирање на работата на Собранието се актуелизира неколку пати бидејќи тројца пратеници од вкупно 62-ца од мнозинството имаат решенија за изолација или се заразени. Според Џафери, ова е уште една причина повеќе опозицијата да биде свесна и да прифати измена на Деловникот, односно заразените пратеници да можат да гласаат „онлајн“.

Поради лабавото мнозинство нема ниту редовни комисиски расправи, а закони се носат бавно или остануваат заглавени во процедурите. На дневен ред е и заедничката иницијатива на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и на Левица, за формирање комисија за заштита и управување со пандемијата, тело кое според опозицијата, треба да ја замени сегашната Комисија за заразни болести.

Сподели.