СЕЌАВАЊАТА НА ВНУКАТА НА ДАМЕ ГРУЕВ: Да беше жив дедо ми и него ќе го затвореа за идејата за самостојна Македонија!

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Неговите браќа Георги и Фидан, и сестрата Доља, со децении имале проблеми со разните окупаторски власти во Македонија, единствено затоа што биле роднини на Даме Груев. По преселувањето од Смилево во Битола, во куќата на „Баиро“, браќата на Даме со години криеле неколку негови фотографии и една скапоцена икона на Свети Никола, која Даме им ја подарил во чест на започнувањето на Илинденското востание.

За внуката на Даме Груев, битоланката Љубица Стаменкова, нејзиниот дедо долго време бил поттурнуван од властите, па затоа дури пред две години во Смилево е направена спомен-куќа (разговорот е воден пред повеќе од десет години, н.з.), каде што почесно место има токму Даме Груев. По ослободувањето и формирањето на македонската држава, потомците на Груев биле под своевиден притисок, па во еден период  морале дури и да ги кријат сите документи и фотографии поврзани со Даме.

Така, еден од внуците успеал во странство да ја однесе иконата на Свети Никола, која Даме им ја дал на своите браќа во деновите кога започнало Илинденското востание. Според односот што комунистите во принцип го имале кон Илинденците и нивните семејства, многу веројатно е дека доколку Даме Груев бил жив во тоа време, најверојатно и тој би завршил во „Идризово“, затворен поради идејата за самостојна и обединета Македонија!

– Дедо ми Даме, имал двајца браќа и една сестра – Георги, Фидан и Доља. Колку што јас знам, Георги немал пород, а јас сум  внука од ќерка на средниот брат Фидан. Мајка ми се викаше Надежда Груева. Таа знаеше многу  работи за Даме, што и ги раскажувал татко и, мојот дедо Фидан. Се сеќавам кога кажуваше како ги криеле фотографиите на Даме, затоа што власта по ослободувањето имала отпор кон ВМРО, а дедо ми Даме Груев, како што е познато, бил еден од основачите на македонската револуционерна организација. Сестрата на Даме, Доља, се омажила во Лесковац, и сега таму живее дел од семејството Груеви. Неколку од внуците и правнуците сме во Битола, а  наши братучеди имаме и во Америка. Овде, во Битола, во Светонеделските гробишта, се погребани браќата на Даме – Георги и Фидан. Гробот на Даме е во Смилево. Таму е пренесен од Русиново, каде што бил убиен во 1906-та година. Секоја година по неколку  пати одам на неговиот гроб во Смилево – вели Љубица, внука  на Даме Груев од братот Фидан.

СПОМЕН КУЌАТА НЕ Е НА АВТЕНТИЧНОТО МЕСТО!

– Основачот на Македонската револуционерна организација, Даме Груев е роден точно пред 135 години во онаа куќа, сега таму живеат Игуменовци. Онаа, жолтата – ни покажува кон „Долно маало“ во Смилево,  83-годишниот Васил Груевски, најстариот потомок во поширокото  семејство Груеви. Тој и бабата, како што вели, живеат сами во мала, но средена и ачик куќа во „Горното маало“. Децата одамна им се заминати од селото – некои во Скопје, некои преку океанот.

Додека го гледаме селото од дворот на Васил, помислуваме на можноста ова исто село, во кое се родил еден од најзначајните македонски револуционери во минатиот век, за миг да е, на пример, во некоја друга земја. Тогаш во него сигурно би имало многу музеи, ресторани, продавници за сувенири, хотели за престој на странски туристи, монографии што ќе зборуваат за човекот што го прославил селото и  државата. И за сето тоа не би смеел да се лути ниту еден член на која и да е коалициска власт. За жал, тоа во Македонија може да биде само сон. Затоа да се вратиме во реалноста, а во реалноста во Смилево нема ништо од тоа.

Одвај пред неколку години, по повод стогодишнината од Илинденското востание, од срам и од немај каде, беше изградена спомен-куќа во чест на Даме и на Смилевскиот конгрес. За жал, нигде од патот што се двои кон селото не пишува дека таква куќа постои и дека таа е во селото на основоположникот на македонското револуционерно движење.

А спомен-куќата што ја  изгради Министерството за култура, навистина е убава и во неа, за почеток, има доволно експонати што можат да се видат. Спроти неа, со прашување, може некако да се пронајде гробот на Даме и неговиот споменик над селото.

– Иако куќата каде што бил одржан Конгресот за кревање на востанието, не била таму каде што е изградена оваа спомен-куќа, сепак арно е што воопшто се изгради. Смилево, и Даме, се разбира, се дел од нашата историја, а местото им е веднаш до Крушево и Карев, ако не и пред нив. Куќата каде што се одржал Конгресот на македонското револуционерно движење е токму оваа, под нашиот двор. Не знам како историчарите подоцна го преселија тој настан во друга куќа. Татко ми Илија велеше:

„Историјата ја фрливме во друга куќа, ќе ги фрлам и јас мустаќите“. Тој ми кажуваше дека ние сме деленици со чичко Јован, татко му на Даме Груев. Имало и други семејства од истата лоза, но многу од нив се плашеле да кажат дека имаат некаква врска со тоа семејство. Од разни причини. Некои затоа што во партизанско, и потоа, не ги сакаа многу вмровците, а некои, можеби, и затоа што Даме, божем, бил некаков бугараш – раскажува старецот, гледајќи кон куќата на Даме Груев.

ДАМЕ ИМАЛ ГОЛЕМА ДАРБА ЗА ПЕЕЊЕ

– Татко ми кажуваше дека Даме како дете многу убаво пеел. Дарбата за песна ја наследил од мајка му Туља, на која и немало рамен за пеење во Смилево. Презимето Груеви, по ново, е наследено од татко му на Јован, кој се викал Грујо. А Даме имал двајца браќа – Георги и Фидан, и една сестра – Доља. Јас сум роден 1922 година, и не  знам што се случило со неговите браќа и сестра. Подоцна имам слушано дека се преселиле во Битола, и дека, таму, во 1920 година, починал чичко Јован, татко му на Даме. Не знам дали во Светонеделските гробишта  може да се најде неговиот гроб. Од друга страна, како што е познато, Даме Груев не се оженил. Загинал на 35-годишна возраст кај селото Русиново, во близина на Берово – вели Васил, застанат на крајот од дворчето, кое како чардак  виси над покривите на куќите во долниот ред.

Смилевчанецот Даме Груев мошне рано заминал од своето село, но како што му раскажувал подоцна на Гоце Делчев, секогаш со мислите бил во Смилево. Спомените од детството постојано го  враќале во дворот на нивната куќа, потоната во цвеќиња и овошки. За нив се грижел дедо му Грујо, кој по цел ден чепкал низ градината. Варосаните стебла на дрвцата белееле од далеку. Секогаш кога Даме се враќал во Смилево, срцето му играло од среќа кога ќе ги видел.

Како мал, напролет, дедо му го водел до секое дрвце, велејќи му:

„Види, Даме, види чедо, пак многу цвет ни изронал во дворот преблагиот наш отец свети Климент“.

Многу година подоцна, Даме ќе се навраќа често на спомените за куќата во Смилево, на градината, на тажните песни што ги пеела неговата мајка Туља. Заедно со неа, и тој често пеел седнат под расцутените дрвца, а учителот Атанас Башев од Ресен, уште во првите одделенија во селското училиште, забележал дека „детето на Груеви“’  има голема дарба за пеење.

Но, наместо песнопоец, или барем поп, Даме Груев станува револуционер. И тоа еден од најголемите што ги имала Македонија.

Смилево
КОНГРЕСОТ Е ОДРЖАН ВО КУЌАТА НА ЧУРАНОВИ!

Кон средината на април 1903 година, делегатите за Конгресот веќе пристигале еден по еден, или во групи, во Смилево. Меѓу делегатите се и Сугарев, Петар Ацев, Никола Карев, Јордан Пиперката, Христо Узунов, Чакаларов, Кљашев, Сарафов, Лозанчев и други славни војводи и револуционери. Целото село било на нозе – ни раскажуваше Васил. Вооружени селани ги чувале патиштата; пиле не можело да прелета. Во околните села имало комити преслечени како прости селани, кои тајно ги извршувале задачите за обезбедување на делегатите. Конгресот, тврди Васил, се одржувал во ку}ата на Чуранови, која имала голем и убав салон.

Во работата на заседанието учествувале 45 делегати од сите окрузи. Претседавал Даме Груев. Секретари биле Георги Поп-Христов и Парашкев Цветков.

Неколкудневното заседание завршило со утврдување на датата за отпочнување на општонародното востание. Во селото тоа се прославило со многу радост. Делегатите излегувале од куќата на Чуранови и брзајќи заминувале во своите окрузи. Точно по четири месеци, почнува договореното востание, а Даме Груев останува со својата чета во Смилево. Во своите спомени тој се сеќава на востанието и на деновите потоа:

„Началник на реонот беше Сугарев. Селаните беа во пусии по куќите, а Турците настапуваа кон Смилево во параден строј. Во првиот налет паднаа 30 Турци. Ние бевме во планината. Слеговме и им се придруживме на селаните; бевме се на се’ околу 200-мина. Турците беа утврдени во училиштето, што беше камена зграда, така што ништо не можеше да се стори. Утредента, на трети август, попладнето, на аскерот му пристигна помош од друг аскер. Ние дадовме заповед за повлекување, но селската чета не го добила известувањето. Тие го пречекале аскерот и тогаш паѓаат убиени десетмина Турци и еден јузбашија, а од нашите само еден  комита. Главнината на нашите сили тогаш веќе беше од другата страна на планината. Турците влегоа во селото и запалија неколку куќи“, ќе се сеќава Даме Груев подоцна на деновите што влегоа во златната книга на македонската историја.

ДАЛИ СИ ГОТОВ ДА УМРЕШ ЗА МАКЕДОНИЈА?

Според спомените на Груев, селаните биле незадоволни од  повлекувањето на четите, што било наредено од штабот. Следните денови дошле на помош други чети, но, велел Даме, и ние бевме добро организирани, па при нападот Турците се разбегаа, оставајќи ги коњите. Потоа наредиле да се копаат ровови околу селото. До 14 август биле спокојни. Сарафов дента заминал за Демирхисарско, а вечерта дошле „два табура војска со по 600 до 800 мина“.

„Се биевме цел ден; насекаде  зазедовме позиции. Со фронтот раководевме јас и Сугарев. Турците извршија напад со артилерија. До 4 часот паднаа 33 комити, а веќе пред мракот Турците влегоа во селото и фатија да ги палат куќите. До вечерта падна сето село. Сето население беше во шумата, со четите. Дотогаш беа убиени 40 селани. Во текот на ноќта дел од мажите се пробивме низ турскиот обрач во планината и поминавме во соседната шума. Жените, децата и старците останаа во шумата под селото. По извесно време стапи во сила општото решение за запирање на борбените дејства. Складиравме околу 400 пушки. Јас отидов да ги надгледувам другите реони во Битолско. Мисиите на Англичаните донесоа мала утеха и успокојување, а од друга страна гласовите за реформи не охрабрија донекаде“’, запишал Даме Груев во своите спомени од јануари 1905 година.

Три месеци подоцна, на 4 април 1905 година, Даме на професорот Милетич, кој ги запишувал спомените, му подарил своја фотографија со потпис. Тоа била нивната последна средби, иако биле договорени да се видат уште еднаш за да ги довршат спомените. На 23 декември 1906 година, три години по крваво задушеното Илинденско востание, Даме Груев загинува во борба со турскиот аскер кај селото Русиново. Очигледно не можел, и не сакал, да остане подолго во Софија. Добро знаел дека нема револуција со револуционери што седат по кафеани.

– На сите што сакале да влезат во македонското револуционерно движење, Даме им поставувал по едно единствено прашање: „Дали си готов да умреш за Македонија?“

Тој тргнал кон Македонија затоа што отсекогаш  го знаел одговорот на тоа прашање. Којзнае како би му одговориле оние што денес  ја водат Македонија, кога би им го поставил истото прашање – вели Васил, испраќајќи не низ долниот двор и по уличката по која Даме ги испратил делегатите на Смилевскиот конгрес.

За жал, во Смилево никогаш не успеал да дојде Гоце Делчев, иако Даме Груев бескрајно многу сакал да му го покаже дворот со цвеќињата и избелените стебла на овошките.

 

ДАМЕ ИМАЛ СВРШЕНИЦА ВО БИТОЛА КОЈА ПО НЕГОВАТА СМРТ НИКОГАШ НЕ СЕ ОМАЖИЛА!

На стогодишнината од смртта на на македонскиот револуционер Даме Груев, неговата внука Љубица Стаменкова изнесува некои непознати моменти од неговиот живот Смилевчанецот Даме Груев е еден од основачите на ВМРО и тоа веројатно многумина го знаат, но има и други моменти од неговиот живот, кои останале да се чуваат и да се пренесуваат од колено на колено само во семејството, меѓу потомците на големиот револуционер и организатор на македонското ослободително движење.

Пред неколку дена се навршија 100 години од убиството на Груев, па во спомен на својот дедо, неговата внука Љубица Стаменкова од Битола, открива дел од непознатите факти во неговата биографија.

СВРШЕНИЦАТА БИЛЈАНА

– Нашиот дедо Даме Груев потекнува од сиромашно семејство во Смилево. Татко му се викаше Јован, од Лавдовци. Даме имаше двајца браќа, Фидан и Ѓорѓи, и една сестра, Доља која беше најстара. Тоа можеби е познато, но досега не е познато во пошироката јавност дека Даме бил свршен, а свршеница му била учителката Билјана. Како напредна учителка и патриот, се дружела со учителки, кои биле поврзани со Организацијата. Останал фактот дека меѓу другите активности што ги имале учителките, тие го извезле и битолското востаничко знаме, заедно со бабата на Ѓунер Исмаил, иако таа била Турчинка. Свршеницата на дедо ми Даме живеела во Битола, на денешната улица ‘Судска’, кај старото музичко училиште. По смртта на Даме, таа не се премажила и доживеала длабока старост. Внуките на Даме, ќерки на брат му Фидан, долго време комуницирале со неа и си ја имале како дел од семејството – вели Стаменкова. Според неа, дедо и’ Даме бил многу благороден и чувствителен човек, па, така, кога се враќал од Солун, каде што учел, иако никогаш немал доволно пари ни за пристоен живот, на својата сестра и на двајцата браќа секогаш им носел некакви подароци. – И ден денес постои иконата на Свети Никола, подарок од Даме на братот Фидан, донесена од Солун, а исто така се чува и пиштолот што му го дал при една нивна средба.

Имаше и многу документи, но една од внуките му ги даде на д-р Душко Константинов за неговата дисертација за животот и делото на дедо ми Даме, а потоа тие, колку што знам, биле предадени во музеите во Велес, Битола и Скопје. Инаку, освен Даме, членови на ВМРО биле и неговите браќа, но и сестра му Доља. И тие учествувале во Илинденското востание – раскажува таа. Како што слушала од своите родители, турскиот аскер често правел претреси во Смилево, а особено во куќата на Даме Груев, кршејќи се’ што ќе дофателе. Луѓето од Штабот за да ги достават документите до востаниците или до други членови на Организацијата, ја користеле Софија (Цоља), најстарата внука на Даме од братот Фидан. Ќе ја облечеле во смилевска носија, и сите материјали и документи, скриени под облеката, малата Софија ги пренесувала меѓу раководителите или востаниците. Во пожарот на Смилево, како одмазда на Турците за Востанието, изгорела и куќата на Груеви, по што браќата Фидан и Ѓорѓи и сестрата Доља избегале во Битола, каде што подоцна изградиле две куќи залепени една до друга на сегашната улица ‘Ваташка’, на Смилевскиот баир, кај ‘Шарена чешма’. Таа куќа постои до ден денес. Братот Ѓорѓи починал 1920-та година во Битола. Тој имал само една ќерка, Васа. Таа се омажила во Лесковац за Мирко Поледица, кој извесно време бил деловодител во Битола. Васа и Мирко имале две деца, Славка и Киро. Славка се омажила во Лесковац, а Киро заминал во Америка. Првата жена на Фидан, Алтана, со која имале две деца – Веле и Софија – рано починала, па подоцна тој се преженил со мојата баба Лена, вдовица, која му донела со себе две деца – Ицо и Пера. Како втора сопруга на Фидан таа родила уште четири ќерки: Викторија, Надежда, Благородна и Марија. И сите осум деца во семејството растеле среќно и биле еднакво почитувани и сакани, како од мајката, исто така и од таткото, но и од стрико им Дамјан. Дедо ми Фидан семејството го издржувал како мајстор-ѕидар, а подоцна станал и познат претприемач во градот. Повеќе убави куќи во Битола се изградени токму од него – вели Стаменкова.

СЕ ГОРДЕЕМЕ СО ДАМЕ ГРУЕВ
Подоцна, како последица на разните превирања во Македонија, почнале нови малтретирања за семејството Груеви.

– Дедо ми Фидан бил принуден својот син Веле, кој веќе бил женет, да го испрати во Америка, оти се заканувала опасност новите српски власти да го уништат потомството на Даме. Синот Веле во Америка останал 15 години и оттаму се вратил како инвалид, наоѓајќи ја дома својата мала ќерка, сега веќе како девојка. Најстариот внук од Фидан, синот на Софија, Кирко, настрада во бугарските фашистички затвори, а во 1954-та година внуците од постарата ќерка Викторија – Радослав и Никола Кочовски, поради патриотска дејност за Македонија, беа малтретирани и затворени. Нешто подоцна, внукот на Фидан од ќерката Надежда, Томислав Костовски, пребега како ислеленик во Шведска, и таму беше меѓу главните дејци за македонската кауза меѓу емиграцијата.

Дедо ми Фидан, брат на Даме, умрел во 1938-та, а баба ми Лена во 1954 година. Двајцата се погребани НА Светонеделските гробишта во Битола. Таа имаше илинденска споменица и илинденска пензија, со која живееше. Интересна е судбината на сестрата на Даме, Доља. Таа, по Илинденското востание, заминала со својот сопруг во Бугарија. Имала двајца синови, лекари, кои таму основале семејства.

Самата баба Доља на стари години се врати во Битола, каде што умре во семејството на својот брат Ѓорѓи – вели Љубица Стаменкова, додавајќи дека сите потомци на Груев се гордеат со него, иако имало периоди кога да се биде роднина на Даме не само што не било лесно, туку било и опасно

Забелешка на учителот:
‘ДЕТЕТО НА ГРУЕВИ ИМА ГОЛЕМА ДАРБА ЗА ПЕЕЊЕ’

Според преданијата што се пренесуваат меѓу потомците, Даме како дете многу убаво пеел. Дарбата за песна ја наследил од мајка му Туља, на која и’ немало рамен за пеење во Смилево. Презимето Груеви е наследено од дедо му на Даме, таткото на татко му Јован, кој се викал Грујо. Познато е дека Даме мошне рано заминал од своето село, но како што му раскажувал подоцна на Гоце Делчев, секогаш со мислите бил во Смилево. Спомените од детството постојано го враќале во дворот на нивната куќа, потоната во цвеќиња и овошки. За нив се грижел дедо му Грујо, кој по цел ден чепкал низ градината.

Варосаните стебла на дрвцата белееле од далеку. Секогаш кога Даме се враќал во Смилево, срцето му играло од среќа кога ќе ги видел дрвцата и дворот. Како мал, напролет, дедо му го водел до секое дрвце, велејќи му: ‘Види, Даме, види чедо, пак многу цвет ни изронал во дворот преблагиот наш отец свети Климент’.

Многу години подоцна, Даме ќе се навраќа често на спомените за куќата во Смилево, на градината, на тажните песни што ги пеела неговата мајка Туља. Заедно со неа, која пеела како славеј, и тој често пеел седнат под расцутените дрвца, а учителот Атанас Башев од Ресен, уште во првите одделенија во селското училиште, забележал дека ‘детето на Груеви’ има голема дарба за пеење.

Но, наместо песнопоец, или барем поп, како што се надевал тој, Даме Груев станал револуционер. И тоа еден од најголемите и најзначајните што ги имала Македонија.

Фејсбук објава на фан страницата „Macedonia : a True Endless Story … во делот: ВМРО: Потомци, наследство, аманет.

Сподели.