Почна „трката“ по билет за Косово, половина од продадените завршија кај – Албанци (ФОТО)

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) утрово ги пушти во продажба влезниците за историскиот меч на Македонија против Косово во плејофот во Лигата на нации за пласман на Евро 2020, па на билетарата на Националната Арена „Филип Втори“ цел ден има редица, а речиси половина од досега продадените картите ги купија Албанци.

 

Видео снимка од билетарата каде што навивачите се фалат дека Косово ќе победи со 3-0.

Иако Македонија ја чека историски меч, преголема еуфорија за влезници нема, споредбено со „тепачките“ за вредното парче хартија во минатото, особено кога гостувале селекции како Англија или Шпанија, а посебно првото гостување на „црвената фурија“ кога се повторуваше купопродажбата на влезници.

Освен што мечот има историско значење поради можноста да се оди на Евро 2020, ова е историски најризичниот меч во историјата, па веќе два месеци се крои планот за организација, ама кога дојде почетокот на продажба на билети – сите заедно паднаа на испит. Ако се суди по првиот ден од продажбата, Македонија можно е да нема навивачка надмоќ на трибините, а очигледно на сите стратегии кои се „коваа“ во куќата на фудбалот, на крај ниту една нема да излезе, особено во делот на безбедност ако на трибините избувне некаков инцидент, зашто тешко е да се поверува дека сите навивачи од албанска националност што денеска дојдоа и купија билет, баш ќе навиваат за Македонија.

„Карти се продаваат на секој што има валиден документ за лична идентификација“, можеше да се слушне на билетарата пред Арената.

А, пред неа, зачудувачки нема турканици како во минатото, ама нема ни исчистен простор. Навивачите мораа меѓу автомобили паркирани на паркингот зад источната трибина да се пробиваат за да дочекаат ред за билет, а целата продажба оди пребавно со еден шалтер и најмалку пет минути додека се добие влезница, поради процедурата да се запише име и презиме на секој билет.

„Цел ден е вака, нема гужва како што имало порано, но постојано доаѓаат луѓе и чекаат во ред. Само што половина и повеќе се Албанци. Ќе биде пекол на мечот, само чудно е што вака се продаваат влезници на некои што веројатно нема ни да навиваат за Македонија“, вели очевидец од почетокот на продажбата.

Влезниците за мечот се персонализирани, на секоја влезница има име и презиме, што е договорено помеѓу ФФМ и МВР, а од куќата на фудбалот најавија дека на стадион ќе се влегува со лична карта откако редарската служба (припадници на полицијата) ќе проверат дали се совпаѓа личниот документ со билетот.

Но, иако беше најавено дека еден навивач ќе мора да си купи лично само една карта, во реалност сето тоа изгледа поинаку. Навивачи купуваат и по десетина билети, нормално со лични карти, ама има и такви што приложуваат лична карта преку телефонски апликации.

„Нема проблем да се купат повеќе карти со различни лични карти, но претпладнево можеше да се купи и со лични карти испратени преку Вибер. Но, сега почнаа да негодуваат од продажното место да се приложуваат само документи, без слики на телефон“, вели еден македонски навивач кој купи десетина влезници за него и пријателите.

Мечот кој е закажан за 26 март од 20.45 часот на Арената веројатно ќе го исполни скоро целиот капацитет на стадионот, со исклучок на два блока на источната трибина, кои ќе бидат тампон зона поради безбедносни причини, а таму ќе се најдат косовските навивачи засилени веројатно со навивачите на Шкендија од Тетово. Од друга страна, западната ќе биде за сите навивачки македонски групи, додека билети се продаваат за север и југ и засега само на продажни места на МК Тикетс и на билетарата која работи од 10 до 18 часот.

Сподели.