Пиоли: Никогаш не зборувавме за Скудетото, целта е да го вратиме Милан во Европа

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Речиси половина сезона Милан ја мина на врвот на табелата, како предводник во шампионската трка во Серија А, но зачестените киксови во претходните два месеци го уништија сонот за освојување на Скудетото. Не само што испаднаа од трката за титулата, туку „Росонерите“ во последните девет кола ќе водат голема битка за сочувување на местото кое води во Лигата на шампионите.

Сепак, како што вели тренерот на Милан Стефано Пиоли пред мечот со Парма, местото во Топ 4 отсекогаш била целта за неговата екипа. За титулата наводно воопшто не размислувале.

„Никогаш не зборувавме за Скудетото, тоа дојде од вас (новинарите). Тука ми е убаво, со клубот и сопствениците работиме на тоа Милан да го вратиме во нормала, во Европа, што е многу важно“, изјави Пиоли.

Но, како игра Милан во моментов, навивачите со право стравуваат. На последните седум натпревари во првенството само три победи. Во претходното коло само бод на „Сан Сиро“ против Сампдорија. Јувентус му се приближи на бод, Аталанта има два, а Наполи четири помалку. Пиоли пак се надева дека неговата екипа до крајот на сезоната би можела да дојде до бројката од околу 80 бодови, што би било доволно за остварување на целта.

„Во моментов сме фокусирани само на следниот натпревар. Парма е тежок противник, екипа која има квалитет и игра брзо. Секогаш сме фокусирани на највисоките цели и многу сме разочарани кога нема да успееме да бидеме на највисоко ниво. Ги проучивме грешките кои ги направивме, знаеме кои се и знаеме кои не би смееле да ги повторуваме. Многу работи не функционираа против Сампдорија, но повторувам, во моментов е важен само утрешниот меч и знаеме колку ќе биде комплициран. Доколку успееме да го одржиме досегашниот просек, можеме да ја завршиме сезоната со речиси 80 бодови“, уверува Пиоли.

Сподели.