Пендаровски: Со членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, ги остваруваме идеалите и визиите и на илинденците и на асномците

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.

Нека ни е честит 2 Август, Илинден ‒ Денот на  Републиката. Денес, кога одбележуваме 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава. Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни  и да ја  признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас. Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, што значи гаранција за безбедноста, суверенитетот и економскиот напредок,  со што ги остваруваме идеалите и визиите и на илинденците и на асномците. Но, исто така, Илинден годинава го дочекуваме и сред пандемијата со Ковид-19 како огромна закана за здравјето, но и за егзистенцијата и начинот на живот, не само кај нас, туку и во целиот свет. Ова е време кога мораме да се сплотиме и заеднички да излеземе како победници од оваа ситуација. Во оваа борба не ни треба оружје, туку, одговорност, солидарност, дисциплина, трпеливост и слога. Поради сите жртви во минатото и почитта и долгот кон нашите предци, но и поради иднината на нашите деца и на нашата држава, да ги заборавиме сите несогласувања и нетрпеливости и обединети да излеземе како победници.

Сподели.