Од 23 септември сите родители се враќаат на работа

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Хронично болните и сите родители кои досега беа ослободени од 23 септември се враќаат на работа, одлучи Владата. Исклучок ќе бидат лицата кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигни заболувања кои имаат потврда од лекар специјалист.

Иако Комисијата за заразни болести предлагаше продолженото породилно отсуство да се пролонгира до крајот на декември, сепак Владата одлучи од следната среда на работа да се вратат мајките кои ја користеа оваа мерка, како и родителите на деца до 10 години, без разлика дали децата ќе учат онлајн или со физичко присуство.

Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да им укаже на сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во разговор за Канал 5 уверува дека во градинките ширум земјава има доволно капацитет безбедно да бидат згрижени сите дечиња. На работа исто така треба да се вратат и родителите чии деца се до шестгодишна возраст, имајќи предвид, како што наведуваат од Владата, дека детските градинки почнаа со рфзгрижување на деца од 9 септември.

Министерката Шахпаска најави дека доколку се јави потреба покрај градинките, ќе се адаптираат и дополнителни објекти за грижа за најмалите.

За да им се излезе во пресрет на родителите ќе се менува Протоколот за градинките за да се зголеми опфатот, за децата до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена, наместо 6 деца, како што беше претходно ограничено.

Сподели.