Насер Селмани од ЗНМ до Заев и Роберт Поповски: Владата сака да воведе цензура во медиумите забранета со Уставот и да биде главен и одговорен уредник

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министерството за информатичко општество и администрација денеска во Скопје организираше дебата за Нацрт-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пренесува ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја обвини Владата дека со обидот за воведување на парични казни за неетичко известување на медиумите сака да воведе цензура, која е забранета со македонскиот устав.

Селмани објасни дека Владата практично сака да стави рака врз медиумската содржина и да изигрува главен и одговорен уредник и да им каже на новинарите што е етичко а што е неетичко известување.

-Вие сте неконзистентни во вашите ставови, од една страна велите дека поддржувате саморегулација во медиумите, а од друга страна предлагате казни за новинарска етика. Што ќе работи Советот на етика во медиумите и Советот на честа на ЗНМ ако вие им кажувате на новинарите како треба да пишуваат. За тоа медиумите ќе ги казнувате со пет илјади евра, а одговорното лице со 1500 евра. Со тоа практично воведувате цензура“, рече Селмани и додаде дека луѓето што учествувале во пишувањето на овој член од законот, не само што се големи непријатели на слободата на говорот, туку и директно работат и против кредибилитетот на оваа влада, која сака да се прикажува како реформска, вели Селмани.

Тој тврди дека ако не се избришат казните за етичките стандарди на новинарството, Македонија ризикува да ја прекрши Европската конвенција за човекови права и слободи, која е обврзана да ја почитува како членка на Советот на Европа. „Членот 10 од Конвенцијата јасно дефинира за што може да се ограничува слободата на говорот. Вие со овој член излегувате надвор од тие рамки и воведувате нови ограничувања“, предупреди Селмани.

Според него, 0.7 проценти од буџетот за финансирање на МРТ се недоволни средства за нормално функционирање на јавниот сервис. „Кога бевте опозиција не ви пречеше да поддржите 1 процент од буџетот за Јавниот сервис, а сега предвидувате 0,7 проценти од буџетот. Ако МРТВ има долг од 30 милиони евра како планирате Вие со 15 милиони евра годишно да ги сервисирате долговите. Како мислите да отворите нов канал на албански јазик, да ја опремите МРТ, да ги зголемите платите на вработените, а да не говориме за процесот за дигитализација“, рече Селмани.

Министерот Роберт Поповски вети дека членот 61 ќе биде избришан ако тоа го бараат новинарските здруженија. „Отворени сме член 61 да се брише, но размислете што ќе значи тоа“, истакна Поповски.

Во врска со финансирањето на МРТ Поповски рече дека се размислува да се предвиди можност секоја година да расте процентот за финансирање на МРТ се додека не достигне посакуваниот 1 процент.

Селмани, на крај на дебата, ја пофали подготвеноста на Владата да се избришат казните предвидени во членот 61 и да се разговара за компромисно решение за финансирањето на МРТ.

Инаку Претседателот на ЗНМ, Селмани како и повеќе новинари во минатото во Македонија организираа повеќе протести за слободата на новинарството на кои тие бараа поширока слобода врз новинарската професија.

Сподели.