Најголем број смртни случаи во Турција, викендов е воведен полициски час

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Турција вчера објави дека имала 141 смртни случаи поврзани со коронавирус во изминатите 24 часа, што е најголем број досега, пред стапувањето во сила на ограничувањата за запирање на ширењето на епидемијата.

По овие нови жртви пријавени од Министерството за здравство, бројот на жртвите од пандемијата се искачи на 12.084 во Турција, а над 435.000 случаи се официјално дијагностицирани. Претходниот црн рекорд ,поставен на 19 април бил 127 смртни случаи.

Најновите податоци се објавени непосредно пред да стапат на сила серија мерки за спречување на ширењето на епидемијата.

Така, рестораните и баровите ќе можат да продаваат храна само за носење, а Турците нема да можат да излегуваат за време на викендите од 20 до 10 часот наутро.

Покрај тоа, трговските центри, големите продавници и фризерите мора да се затворат во 20 часот, а кината ќе бидат затворени до крајот на годината. Наставата ќе се организира онлајн до крајот на декември.

Најавувајќи ги ограничувањата во вторникот, претседателот Реџеп Таип Ердоган предупреди дека ако епидемијата продолжи да се влошува, владата ќе мора „да разгледа уште построги мерки“.

Лекарските здруженија тврдат дека вистинскиот број на заразени и мртви во Турција е многу поголем од оној што го објавил Министерството за здравство.

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, политички противник на Ердоган, минатата недела повика на прогласување карантин во економскиот центар на земјата, кој е особено тешко погоден.

Според него, бројот на луѓе кои умираат секој ден во Истанбул е поголем од бројот што владата го најавува секој ден за целата земја.

Сподели.