Младите и пандемијата

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Целта на оваа колумна е да се истакнат проблемите кои ги допираат младите луѓе и нивните интереси во текот на оваа криза, но и да се понудат решенија кои во “вториот бран”, иако за Македонија очигледно е дека се работи за втор пик во првиот бран, ќе послужат на властите да ги ублажат последиците од кризата по младите.

Генерално Република Македонија со кризата се справува неуспешно, а таа неуспешност произлегува од неколку фактори. Во однос на досегашните владини мерки како причина за неуспешноста би ги издвоил тривијалноста, несериозниот пристап, препишувањето на мерки без да се согледаат потребите за нашата средина, како и улогата на политиканството и гледање на една здравствена криза како начин за добивање политички поени и политички успех. Во основа ова што го наброив до сега како причини за неуспешноста е надополнето од најголемиот фактор, а тоа е нефункционалноста на системот кој никогаш и никој одговорен не се потрудил да го оспособи да биде функционален и во ваква состојба. Нефункционалноста на целокупниот систем се согледува низ сите сфери, а младите тоа го чувствуваат преку образовниот систем и механизмите кои треба да понудат перспектива за младиот човек, а се од клучно значење за нивно задржување во државата. Речиси четири месеци се поминати откако започна кризата, а младите на прес конференциите немаат слушнато ниту една суштинска мерка која ги засега и им ја олеснува ситуацијата. Тие конференции  служеа само за информирање колку заболени има и колку добро партијата на власт се справила со ситуацијата. Младите ги слушаа и беа оптоварени со реалноста која ја наметна вирусот, а таа е сурова и влијае врз сите категории граѓани. На средношколците им се прекина образовниот процес без решение од ресорното министерство како истиот успешно да продолжи, полагањето на матурата се одложи, без да се престават последиците од тоа. А се тоа најдобро го чуствуваат нивните родители кои поради кризата исто така мака мачат да сврзат крај со крај, додека државата, наместо да се грижи за нивните деца на образовно и воспитно поле, таа одговорност ја префрли на родителите. Студентите, како и средношколците, по којзнае кој пат во нашата држава испаднаа колатерална штета на политиката и системската нефункционалност. Се прекина образовниот процес, се затворија местата за спорт и спортски активности и се ускрати можноста за и онака минималната студентска заработка. Како управувачи на системот МОН од политички причини ниту изврши консултации ниту понуди некакво решение за начинот на спроведување на испити кој остана мистерија до последен момент, а целата одговорност ја префрлија врз факултетите. Во пресрет на уписите кои доаѓаат исто така не се нуди никакво решение како целиот процес ќе се одвива, како ќе се заверуваат семестрите, редиците на студентски прашања остануваат, а живееме во ера на технологии кога се може да се поедностави и со тоа да се покаже на дело дека здравјето е приоритет. Младите кои се одлучиле да одат по патот на трудот исто така останаа незаштитени и многу од нив поради кризата ги изгубија работните места.

Последиците се далекусежни и ги зафаќа сите слоеви на општеството, но факт е дека многу важна категорија на граѓани се соочува со огромни последици што за власта претставува уште еден проблем кој се труди да го “ скрие под тепих”. Наместо политиканство, доволно ќе беше да се консултираат со младите, да се отворат кон нив и да прашаат како може да ни помогнат во оваа ситуација или барем да ја консултираа младината во нивната партија која за лидерот претставува безгласна буква и средство кое се користи за доаѓање на власт (исто како што го искористи и младинскиот револт во 2016 година), а најмладиот пратеник во собранието кој на истиот бран на револт доспеа во парламентот веќе три години ниту збор нема проговоренo за ниту еден од многуте проблеми. На младите во оваа ситуација им треба поддршка од некој кој ќе се грижи за нив и ќе ги застапува нивните интереси преку носење на разни мерки, бидејќи ако ние претставуваме иднина на една држава, за иднината треба и да се размислува. За одржување на нивното психофизичко здравје на младите можеше да им се понудат субвенции за спортска опрема преку кои ќе можеа да го одржуваат здравјето во долгите четири месеци карантин, додека во контекст на образованието можеше да се понуди субвенционирање за купување на технолошки уреди преку кои ќе можеа да ја следат наставата и да се надоградуваат или пак субвенционирање за купување стручна литература, како и да се овозможи бесплатен  превоз на студентите кои не се од Скопје и ќе треба да дојдат за полагањето во испитната сесија (кое владата не се ни потруди да го осмисли). За да останат вклучени во општествениот живот можеше да им се понуди можност за платено волонтирање преку кое ќе му помагаа на општеството со својата енергија во справувањето со вирусот, а за тие што работат да се изнајдат механизми преку кои новоформираните бизниси на младите ќе се заштитат.

Идеите се безбројни и ги има многу, но треба некој да се заинтересира и да има искрена желба да помогне.

Сподели.