КОЛУМНА: „Здравство-кратијата“ е државна болест

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Ако (демо)кратија е народно владеење, за (здравство)кратија не мора многу да размислуваме за да дојдеме до заклучок кој владее, кој е одлучувачки фактор во една држава. Дали под овој термин, или некој друг сличен, верувам во иднина општествениците неизбежно ќе го студираат овој тип на квази-формално владеење, како државно уредување на раниот 21 век.

„Здравствократија“ – Докторите во управа на државата. Супремат на колективното здравје како единствено јавно добро. Уставот релативно нерелевантен. Ура за колективитетот, уа за индивидуализмот.

Дур ја пишувам колумнава, во нашето собрание течат процедури кои брутално ќе упаднат во нашите човекови и граѓански права. Иако во моментов можеби изгледаат оправдани, непочитувањето на процедурите и начините на нивно имплементирање и спроведување без сомнение се со далекусежни последици, што ја прави здравство-кратијата недемократска корозија на државниот систем.

Да, мерки против пандемијата се неопходни. Да, било што друго во замена на карантин. Ако носењето маски и кога сме сами на отворено е алтернатива за штетните економски последици од карантинот, да, да, да! Но, „всичко си има процедура“. А таа процедура не постои ради реда. Процедурите на владеење, особено во демократска држава, па и во хибридни режими како нашава, постојат со цел оддржување на постојниот систем, долгорочност и истрајност на демократските институции, народната власт (макар само на хартија била), како и сеопштата општествена стабилност и просперитет. Во други зборови, на политичариве омилената проста реченица „Владеење на правото“.

Велат, војна било. Не ми е јасно баш кои се завојуваниве страни… Војна на човештвото против природата? Мене повеќе на револуција ми личи. Во принцип, природава изгледа сфати дека не сме ѝ баш во прилог.

Без разлика, ете војна нека е. Природна катастрофа, казна од Господ, како сакаме може да ја наречеме. Затоа постои воена состојба, вонредна состојба па и западно-европски термини како „степен на алертност/подготвеност“. Ваквите државни состојби имаат една цел, одврзување на рацете на државниците. Можност да дејствуваат брзо и ефикасно кога мораат, а притоа недавајќи многу на значење и гарантирање на основните човекови и граѓански права на населението. Не бадијала критериумот за прогласување вонредна состојба бара одобрение на дури две третини од пратениците.

Задолжително носење маска на јавен простор не е ништо поразлично од закон за задолжително носење или (не)носење на шамија, бурка, забраната за носење на кратки сукњи во Камбоџа или ограничениот репертоар на машки фризури дозволени во Северна Кореја. Можеби звучат неспоредливи, но без разлика колку оправдано или неоправдано звучи, мора најпрвин да е легално издржано. Што правиме со несреќни примери на носење најлонски кеси и пластични шишиња на лицата? Таквите групи на граѓани, на кои приоритет им е да сврзат ден со ден, сега дозволено ли им е да се движат на јавен простор? Што е со бездомниците? Да спијат на клупа или под мост без маска смеат ли? Несомнено, такви примери има и ќе има, а истите преставуваат прекршувања на членовите 12 и 13 од меѓународната повелба за човекови права.

Ограничувањето на бројот на гости не треба ни да се коментира, очигледно е, особено за верските празници, бруталноста врз членот 19 кој во нашиот устав гарантира слобода на вероисповед е повреден и тоа грубо.

Не ја спорам неопходноста на ваквите мерки и нивната оправданост. Верувам, потребни се. Но се бара сериозна внимателност при ограничување на човекови и граѓански права гарантирани со устав и светски меѓународни повелби. Нашите политичари тоа го знаат, затоа и се колебаа толку време, па им требаше стотици заразени на ден, да немаме основ за критика. „Здравствократијата“ на дело. Итно било, нужно било, неопходно било. Да, е. А за тоа државниците имаа доволно време легално-правно да се спремат, пандемијата не ни е од вчера.

Тоа што во моментов нашиот парламент ограничува слободи и права без да прогласи вонредна состојба, воспоставува ризични преседани во нашиот државен систем. Воспоставува традиции на владеење и управување кои во идина можат многу лесно да бидат злоупотребени во против-државни дејствија и недемократско владеење. Воспоставуваат примери кои ни кажуваат дека не е потребна воена или вонредна состојба за нашите човекови и граѓански права да бидат ограничени. Злоупотреба на такви преседани и примери од современиве диктатори е повеќе од евидентна, не мора да ги бараме далеку.

Народите низ светот воспоставуваат „здравствократии“, затоа што докторот е оној кој знае да спречи и да лечи болести, да, но не и да предвиди и превенира ризици по државата, демократијата и владеењето, тоа е друга научна специјалност.

Автор: Никола Цветкоски – Политиколог по применета политика и политички систем

Сподели.