КОЛУМНА: „Второто полувреме“ од воената 2001 година, не смее да постои ни на филм да се „ВТОРОТО ПОЛУВРЕМЕ“ ОД ВОЕНАТА 2001 НЕ СМЕЕ ДА ПОСТОИ НИ НА ФИЛМ

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Случајно на социјалните мрежи здогледав едно  деветминутно  видео, во кое преку автентични хорор „ приказни“ и слики е претставен ужасот од граѓанската војна во Босна и Херцеговина ( 1992-1995), најголемата човечка трагедија на територијата на Европа после Втората светска војна. Во оваа несреќна земја, која најмногу настрада после крвавиот распад на поранешната заедничка федерација Југославија , според официјалните податоци загинаа околу 100.000 луѓе од сите етнички конститутувни народни, а преку 1,5 милион беа раселени. Во таа грозоморна војна се случи и геноцид- преку 7.000 млади и повозрасни  машки  Бошњаци беа егзекутирани на најбезмилосен и најбрутален начин од страна на српските паравоени сили. Зошто го нагласувам сето ова? Бидејќи според етничката хетерогеност Б и Х многу потсетува на нашата Македонија. Единствената  разлика е што кај нас „ спротиставените“ етнички заедници се две: македонската ( како најдоминатна) и албанската како помалубројна. Сме имале „ среќа “ што немаме друг таков доминантен етнички елемент ( на пример српскиот) , бидејќи и нам можеше да не снајде нешто такво слично. Ние имаме горко искуство со воен конфликт ( 2001 година) на база на етничка нетрпеливост и „ маркирање на етнички територии“. За волја на вистината, нашиот конкфликт беше  минорен во однос на крвавата босанско-херцеговинска војна, со многу помалку воени и цивилни жртви, но како и да е , меморискиот код од тој воен конфликт во нашето подвоено општество остана да  тлее.  Да не се лажеме, сите индикатори, водат кон тоа дека нашата воена криза беше „ однадвор увезена“, т.е  поттикнувана, диригирана, координирана од страна на соседни центри на моќ ( тајни безбедносни инсталации) , но најмногу „ управувана“ од страна на претставниците на меѓународната заедница (западните земји). Историјата е позната. Крвавиот пир во  нашата поранешна „ братска“ република заврши со познатиот Дејтонски договор, нашата несреќна епизода  со Охридскиот рамковен договор.

 

Тежок од кон целосна државност!

 

Верувам дека не постои човек , граѓанин на Македонија, особено од етничкомакедонско потекло кој немал фрустрација и не бил иритиран од грчките уцени и блокади во однос на нашата евроинтеграција која треба(ло) да донесе и општествен напредок и подобрување на севкупните состојби. Никој интимно не се согласувал со промената на уставното име, кое заврши со т.н Преспански договор за наше полноправно членство во НАТО алијансата и почнување на преговорите со Европската Унија. Како што е познато, на прагот сме  за  полноправно членство во НАТО, бидејќи остана уште ратификацијата од страна на шпанскиот парламент, а почнувањето на преговорите со ЕУ беше извисено од страна на францускиот претседател Макрон. Да не се лажеме, посакуваното членство во НАТО, од страна на нашите политички елити, во овие три децении независност претставуваше заокружување на државноста на Македонија, гарант за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, односно утврдување на нејзиниот унитарен карактер. Зошто го велам ова? Па бидејќи во „ виорот“ на воените настани од  далечната 2001 година, кога целото општество беше под невиден притисок, грч и  стрес околу иднината на земјата, не беа наивни и не доаѓаа од обични кругови предлозите за федерализација на земјата, па дури и „ размена на население и територии“. Да бидеме реални, и покрај  децениското коегзистирање на  доминатните македонска и албанска етничка заедница, не се наивни и не се од одредени маргинални кругови, тенденциите или пак „ сонот за Голема Албанија“. Косово е де факто независна држава, со премиер во најава кој отворено се заложува за обединување на двете албански држави во една. Претставници на албанското малцинство во Прешевската долина, и ден денеска го поставуваат барањето за припојување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац кон Косово.  Значи, кој нам ни гарантира дека за половина век нема да се  сменат геополитичките  околности, и дека т.н меѓународна заедница нема да се спротистави на создавањето на Голема Албанија, односно обединувањето на  Албанија со Косово, или уште пострашно премолчано ќе ја одобри?!

 

Македонските стравови и  национални интереси!

 

Секоја држава од свои внатрешни причини го заокружувала своето полноправно членство во НАТО алијансата. Балтичките  мали земји Естонија, Летонија и Литванија, заради историски причини и страв од руска агресија, станаа полноправни членки на  НАТО, особено што имаат голем процент на руско малцинство во своето население. Полска, па и Чешка и Словачка исто така поради горкото историско искуство со руска инвазија станале членки на НАТО за да си ја гарантираат својата безбедност од надворешна агресија.  Нашето членство   во НАТО, не е поради страв од надворешна воена инвазија и агресија ( единствено таква реална закана постоеше во раните деведесетти кога Македонија се осамостојуваше и кога имаше отворени закани и можност за српско- грчко „  воено пенетрирање“ ), туку  поради отфрлање на стравот од етничко раслојување и   спречување на „ некаков си обид “ за создавање на етничкофедерален ентитет  во Македонија во нејзиниот северозападен територијален дел. Нашата  земја, како и Босна и Херцеговина , поради етничкиот композит, но и поради геополитичките  услови, како земји кои се наоѓале „ вдолж линијата на огнот“, помеѓу спротиставените интереси на големите сили и сфери на влијание, имале и тежок пат   до стекнување на државноста.  Од кога ја стекнале, се соочиле и со сериозни предизвици околу нивниот опстанок. Затоа мора да се внимава со секој изустен збор од страна на релевантните политички елити, бидејќи „ факелот на војната “ може пак да се запали. Национализмот е како тигар в кафез. Додека е внатре вие може да го контролирате. Ако не дај боже тигарот излезе од кафезот, тогаш со огромна веројатност, тој ќе ве изеде. Еднаш, за жал Б и Х беше изедена   од „ разбеснетиот тигар “ во раните деведесетти. Нашата војна не беше за потценување, но сепак  за наша среќа, пред  да продолжиме по „ босанското “ сценарио таа беше прекината. Има  загреани националистички глави кои „ бараат второ полувреме“ . Такво полувреме, никогаш не смее да се случи, бидејќи  третото , постои само во филмовите.  Тогаш, победник ќе нема, а  пуштениот тигар ќе не проголта сите без исклучок.
АВТОР: Благојче Атанасовски

Сподели.