КОЛУМНА: СОЛИДАРНОСТ-Колку тоа гордо звучи

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Големата  финансиска  криза која ја зафати источна Азија ( Малезија, Индонезија, Филипини и Јужна Кореа), во  1997 година,  произнесе една неверојатна солидарност  демонстрирана од  Јужнокорејците.  Имено, по  повикот  на  јужнокорејските  власти, поради  фалитот на банките и финансискиот сектор, граѓаните на оваа азиска земја, да се солидаризираат со своите сонародници, создаде ситуација во која тони злато ( припадност  на самите граѓани), беше донирано во  создадениот национален  фонд за спас на Јужна Кореа.  Таа солидарност и емпатија, покажана на дело, пред се од побогатите граѓани, денеска е предмет и на изучување на универзитетите  во  психологијата. Всушност,  чувството на  солидарност и припадност кон една заедница, е врзивно ткиво на самата  нација.  Нациите се производ на доцниот 18-ти и целиот 19 – ти век, како вештачки социо-конструктивистички творби, каде што  определена заедница, која живее на одредена територија, и дели ист / сличен јазик, создава нација-држава, како  политички субјект, втемелен и вцртан на светската мапа. Најмалиот заеднички содржател на секоја нација, е нејзиното историско минато, односно  митот за споделената заедничка историја, од која се црпи  денешниот историски континуитет. Секоја нација, реализирана како државна заедница, денеска има сопствена историска граѓа, врз која ја изградила својата посебност, толку потребна да се диференцира од својот близок сосед, со кој најчесто спори,токму околу историските собитија и личности.

 

Бекрајно отсуство на емпатија

Болната  транзиција, која  економски и финансиски, културолошки, вредносно, дури и морално и духовно го  деградираше, декапацитираше и  го осакати просечниот Македонец, создаде  аура на оттуѓеност. За жал, постои низок степен на свесност за припадност  и чувство на заедништво на големиот број граѓани на нашата земја, кон маките и проблемите со кои се соочуваат останатите. Мантрата „  да ми е мене  добро, и на моето  најблиско семејство“, создаде  разорена нација, во која царува  хаосот,  беззаконието и безредието, а сето  тоа  надополнето  со  политичките елити, односно политичките касти, кои ги злоупотребуваа граѓаните, играа со нивните чувства, и најчесто ги манипулираа за сопствените материјални и лукративни цели, даде резултат на едно  коматизирана  и  длабоко меланхолична нација . Како да се опише, немањето никаква емпатија  и сообразување со маката на тие семејства, кои имаат близок, со посебни потреби, на граѓаните на  неготинското село Тимјаник, кои протестираа недозволувајќи , токму во нивното село да биде изграден центар за лекување на лицата ( децата) со посебни потреби. Неукоста, неиформираноста, простотијата и  стравот од непознатото, во комбинација  со оттуѓеноста и  неемпатичноста, создава  ѕверови од нас, кои се испразнети  од секакви  чувства.

 

Секој заслужува втора шанса

За овој конкретен  пример, и нема никакво оправдание, но  последните протести  на граѓаните на општина Аеродром, кои негодуваат и се бунтуваат против отворањето на  Центар за  лекување на зависници од дрога, ја отвара пандорината кутија, од која излезе се, но надежта не остана. Проблемот е  комплексен и ги засега повеќето страни, но доколку се покаже разбирање и воља за решение на овој проблем, решението е на повидок и едноставно. Се разбира, и тие наши граѓани, кои во виорот на животот попаднале под еден од најлошите пороци, и станале зависници од дрога, се живи суштества на кои им е потребна помош. Веројатно, помош, за буквално да го спасат својот живот, и доколку се излекуваат трајно , да почнат одново нов, втор. Искуството со ваков центар за лекување на зависници од дрога, пак во Кисела Вода, негативно во суштина, им дава сосема легитимно право, на одредени граѓани, мештани во  тие средини да негодуваат, бидејќи како што велат се соочуваат со непријатности, кои и не се пријатна глетка за секојдневието. Сепак, за да се заштитат правата и интересите на сите, засегнатите во  овој случај можат конструктивно да го решат проблемот. Ваквите центри за лекување од зависности, да бидат изградени на места кои се на периферијата на населените места,  се со цел да се избегнат непријатности. Стигмата со која се соочуваат овие луѓе, предрасудите и стереотипите кон нив, и пеколот во кој се западнати, се доволна „ казна“, која животот им го претвора во катастрофа. Надежта произлегува од еманципираните граѓани, кои  имаат поинаков светоглед  и  се сочувствуваат  и  со овие луѓе, за кои најчесто и најлесно е да ги осудиш, дека „ сами си го прават тоа, и ништо подобро не заслужуваат“. Не  другари, ниту зависниците од дрога, алкохол, па дури и игри на среќа, не сакаат да си го упропастуваат свесно животот. Веќе и лаиците знаат дека станува збор за зависност, од која без соодветен медицински третман и помош, тешко дека ќе се излекува сама по себе. Психијатрите, дури  вадат  теза дека  зависниците  од овие пороци, се во суштина депресивни и длабоко несреќни луѓе, кои  како излез од ситуацијата во која се чувствувале беспомошно и несреќно, „ помошта“ ја побарале токму во овие пороци, кои потоа данокот си го земале, најчесто и неповратно.

Зрелоста на едно општество

За да покажеме и докажеме дека сме зрела нација, која е подготвена да се носи со предизвиците на модерното време, треба безусловно да покажеме и солидаризација со овие наши соседи, пријатели, сограѓани. Да , државата се наоѓа во катастрофална состојба, има многу болни деца, на кои помошта не им е обезбедена токму од институциите на оваа држава, има многу социјално загрозени семејства, кои  во целиот посттранзиционен хаос, не може да се пронајдат  на пазарот на трудот и животно да се реализираат, корупција и криминал на секој чекор, каде и да се завртиш,  но тоа не значи дека на некому не треба да му се помогне. Човечка особина е да помогнеш, не само на својот сонародник, туку на секое живо човечко битие, бидејќи на крајот од денот, сите во суштина сме само луѓе, без разлика на нашата национална, религиска, социјална, расна  или класна разлика. Нека,  да покажеме дека сме луѓе!

Автор: Благојче Атанасоски – Аналитичар, историчар и магистер на политички науки

Сподели.