КОЛУМНА: Неколку дилеми на случајот „Рекет“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Случајот „Рекет“ го направи „работното лето“ на оваа влада лето на бегање од вина. Шеќеринска не држи банални прес конференции, Димитров како веќе да не е министер, ги нема беседите на Заев… Сепак, овој случај остави збунети многу граѓани и затоа да почнеме од почетокот.

  1. Лажгата наречена „Меѓународен сојуз“.

Кога лик од „Големиот брат“ отвара невладина организација, тоа од прилика изгледа вака: наречи нешто „меѓународен“ (за фејк сојузот да „блеска“), потпиши меморандуми со твоите пријателчиња од власта и стави дел од нив во раководство, и почни да „млатиш“ пари рекетирајќи бизнисмени, градоначалници и функционери. Оваа невладина организација, за нас кои подолго време се занимаваме со овој сектор, мирисаше труло уште од почетокот. Организација со празно портфолио и 0 денари средства на сметка во првата година не може да добие ни некој општински грант од 500 евра. Но, „Меѓународен“ сојуз одеднаш се расфрла со домови за стари кои вредат десетици милиони евра, организира помпезни настани во скапи хотели со храна и пијалоци, донира станови на луѓе, се сместува во најлуксузни апартмани на Водно… На вакви квантни скокови сигурно можат да позавидат и ХЕРА, Хелсиншки комитет, Отворено општество и многу други. Но, институциите не ги засега овој „хуманитарен“ подвиг, па не испитуваат како милионски суми одат внатре-надвор.

  1. Што, по ѓаволите, чекаа Јовевски и Русковска, УЈП, финансиска полиција, МВР?

Всушност ова и не е дилема. Незаборавно остана она видео од Боки 13 во кралска одежда како чекори по скалите на Македонска Филхармонија, додека од страните 40тина луѓе држат факли и му го осветлуваат патот, а најгоре го чекаат неговите соработници/пријатели (функционери) – Ременски, Спасовски, Рускоска, Дескоска, Јанева, Рашковски, Филипче итн. Не е ни чудно тогаш што правосудството „дремеше“ кога случајот стана нивен проблем. Како што напиша еден мој пријател – „Ја чекаа Катица да отиде на одмор, па на масер, па на фризер, па да форматира телефон, да го изгуби, да го најде – па да ја приведат“. Практично кажано, Рускоска и Јовевски го третираат случајот како да се работи за украдени три гајби патлиџани од Кванташки пазар. Сето тоа, за потоа Јовевски да чита соопштенија кои како да се напишани на Бихаќка бранејќи ги политичарите околу Боки и мешајќи се во надлежностите на Собранието, на Советот на јавни обвинители и на медиумите.

  1. (Зло)употреба на новинарите од 1ТВ – а тие „при очи – слепи, при уши – глуви“

Во откривањето на овој скандал, јавноста во голема мера ги остави настрана новинарите во и околу 1ТВ. И иако нивното учество во рекет-играта досега не е докажано, не може да се правиме недоветни и да не признаеме дека се работи всушност за перјаниците на Шарената револуција и СДСМ, кои практично одработуваа за рекетарскиот шљам на линија Сојуз – 1ТВ. Не можеме да заборавиме дека новинарските „бардови“ од калибарот на Ордановски, Јадранка Костова, Кабранов и други, го бранеа „вождот“ се до последниот ден. За денес неуко да нè убедуваат дека не знаеле како една шунд ѕвезда од пошунд реално шоу за кого скопските кулоари зборуваа дека должел милиони па затоа побегнал во Белград, одеднаш се враќа со круна на главата и милиони во Луи Витон чантите. 

  1. СЈО – продуктот на меѓународната заедница и неговата иднина

Да бидеме реални и да ги изложиме фактите – СЈО останува збирштина од функционерски синчиња, полуобразовани партијаши, лични избраници на Катица Јанева, роднини и рекетарско-мафијашка булумента. Како такви, не беше ни очекувано да бидат предводници на борбата со криминалот, иако беа плаќани со милиони граѓански пари и уште толку милиони од нашите партнери од меѓународната заедница. И тука е дилемата најголема. Како да се оправда непостапувањето во клучните случаи од „бомбите“, а се замајува јавноста со чисти случаи како Шпион, Монструм, непостоечките шамари од Центар, редовната набавка на блиндирано возило, измислениот случај против ВМРО-ДПМНЕ? Како да се оправда миленичето на Ван Хојте и екипата белосветски душегрижници, кога се гледа како „специјалната“ си планира „мачкање очи“ во април, рекет во март, полупостапување во февруари и контрола на нејзината колешка во јануари – само за што подолго да остане специјална со плата од неколку илјади евра и рекетарски приходи од неколку милиони. Сето тоа додека нејзините пајташки – „Чарлиевите ангели“ глумат независност, препотентност и дрскост. Се прашувам само зошто сега цела екипа на СЈО наместо да се одважи, се крие и мјаука како мачките на нивниот ментор?

По сè изгледа дека конечно и партнерите се свесни дека СЈО ќе заврши на буништето на македонската историја, како еден од нивните најпромашени проекти. Дојдено е време брзо и сеопфатно да се дефинира новото Јавно обвинителство. Но, овојпат (не како во Пржино) не помеѓу уценети преговарачи. Туку на принципиелна, законска и уставна основа. СЈО да се расформира, а мамините синчиња да се „исклоцаат“ па да си аплицираат во редовна процедура на отворен повик. А после кој треба да одговара, нека одговара. Сите до еден.

Пишува: Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи и меѓународна економија, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Сподели.