КОЛУМНА: Косовско-Македонски Суверенитет

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Иако косовската држава е 17 години помлада од македонската, граѓаните на Косово покажуваат дaлеку посилна и поголема државотворност. Дел од македонскиот народ со својот конформизам, пасивност и безнадежност може да завидува, но и да земе пример од својот сосед, особено оние македонци кои ги оправдуваат отстапките што македонската Влада ги направи во изминатите три години.

И двете држави не можат да се пофалат со силни и стабилно воспоставени државни институции, но косовскиот народ се покажува далеку по активен и по решителен во своите заложби за суверенитет и демократичност со своите дејствија и редовни протестести против меѓународните влијанија кои се обидуваат да решаваат за судбината на нивната држава.

Меѓународниот фактор беше силно присутен во процесот за независност на косовската држава, за разлика од македонскиот пример, каде што сами си ги поканивме.

Но и покрај ваквите различни зачетоци, косовскиот народ со поддршката која што ја дава на Албин Курти и неговата партија „Самоопределување“ е силно решен да се ослободи од странските влијанија кои им ја подарија државноста. Верувам дека интересна метафора за споредба е поклон играчка, кога веќе ја подаруваме, не условуваме како детето да ја користи или со кого да си игра. Меѓународниот фактор го прави спротивното, им подари држава, но сега сметаат дека они се тие кои треба одлучуваат што се случува со таа држава и како таа се однесува, а не народот кој живее во неа. Ништо помалку од современ колонијализам и империјализам.

Македонскиот народ не доби држава на поклон, но за споредба, не можеме да се пофалиме како албанскиот народ, кој успешно издејствува дури две држави.

Повеќе од двесте години леевме крв, за само дваесетина години по успехот, корумпирани политичари, пратеници и судии, дефитисти и кукавици, под уцени и закана од затвор да ги прекршат своите заклетви, да потклекнат и да дозволат вазализација и потчинетост под нашите поранешни окупатори.

Државноста на Косово неодмана ја зациментира косовскиот уставен суд кога ја поништи уредбата на нивниот претседател, кој пак се обиде да создаде малцинска Влада спротивно на вољата на народот. Решителност и државотворно однесување за коешто некомпетентниот македонски уставен суд може само да сонува.

Да образложам со споредба.

Сценаријата кои се одвиваат во двете држави се практично идентични, разликата е што Косово со својот отпор е далку по „жилаво“ во споредба со жалното и срамно „веднење глава“ на нашите судии и владеачки политичари.

Иако минатиот владеачки состав на Косово важеше за благонаклонет кон интересите на меѓународниот фактор, сепак реши да се бори за косовските национални интереси и воспостави огромни царини спрема Србија и Босна. Не попушти на колосијалниот меѓународен притисок се дур меѓународната заедница не им се закани. Како? Со фиктивната „мини шенген“ царинска унија на Македонија, Србија и Албанија. Замислете, Заев и Рама беа прегласни дека не се согласуваат со тоа, дополнително, Александар Вучиќ и Еди Рама не се имаа сретнато цели 6 години, односно од 2014та, за наеднаш да замолкнат и да потпишат серија безцарински договори.

Контраверзно, без никаква дебата, без никаква друга средба на меѓународно ниво за да се договори содржината на договорот, без согласност, имајќи предвид дека Заев и Пендаровски беа против се до последниот ден, за веќе следниот ден премиерите на сите три држави со брзина на светлината да потпишат меѓународна спогодба, за која беше повеќе од очигледно дека им е сервирана.

Иако косовската Влада навидум попушти, на неодамнешните избори народот го избра Албин Курти и неговата партија „Самоопределување“. Личност и партија која силно се залагаат против меѓународно мешање во внатрешноста и иднината на Косово и со тоа народот испрати порака дека Косово треба да одлучува за себе суверено и самостојно.

Тука се испреплетуваат македонското и косовското политичко сценарио.

Албин Курти победи со тесна разлика од еден пратеник, слично на минатите парламентарни избори во Македонија каде што ВМРО-ДПМНЕ победи со 2 пратеника. Истрајноста на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за името и бескомпромисната одбрана на државните и национални интереси, спротивно на барањата на меѓународниот фактор доведоа до серија уставни прекршувања и резултираа со нелигитимна малцинско-вазалска Влада која со прифаќање на сите странски барања, своевремено стави крај на суверинитетот и независноста на македонската држава.

Од друга страна пак, „Самоопределување“ во Косово успеа да формира парламентарно мнозинство и Влада, со што сериозно го загрози влијанието на меѓународниот фактор во неговата држава. За жал, неговата Влада не преживеа ни два месеца, по напуштањето на неговиот коалиционен партнер со оправдување дека се загрозува односот на Косово со меѓународниот фактор. Истиот тој фактор (кој намерно не го именувам), како диригент замавна со својата „палка“ наречена Хашим Тачи, односно косовскиот Претседател и се обиде да го прекрши косовскиот устав со цел повторно да го воспостави своето вазалско владеење на Косово.

Сличноста на македонското и косовоското сценарио завршуваат тука. Зошто? Затоа што за разлика од македонскиот, косовскиот уставен суд ја поништи ваквата одлука за кршење на нивниот устав, по цена да се продолжи политичката криза, но да се зачува владеење на правото, супрематот на уставот и суверенитетот на Косово манифестиран преку уставниот суд, како единствена институција која стои во одбрана пред „портите“ на уставот.

Македонскиот уставен суд како последен бастион во одбрана на македонскиот суверенитет, не само што не се спротистави, туку безусловно се предаде по прашањето за противуставното формирање на претходното парламентарно мнозинство и вазалската Влада која следеше. Македонскиот уставен суд продолжи со својот дефитизам и по прашањата за промена на името и пропаднатиот референдум, како и прашањето за употреба на албанскиот јазик, со што го „погреба“ суверенитетот и независноста на македонската држава и ги посрамоти сите оние кои го дале својот живот за истата, а Грција и Бугарија си добија ново вазалство на кое што без отпор може да го продолжат своето садистичко изживување.

Несомнено, на Македонија и е повеќе од потребен „македонски“ Албин Курти и сериозна реформа на уставниот суд.

Пишува: Никола Цветкоски апсолвент на политички науки на англиски јазик при Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје

(04.05.2020)

Сподели.