КОЛУМНА: Кој пат да го фатиме?

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Тажна е таа држава, во која политичките елити, а следствено на тоа и нивните приврзаници, граѓани –гласачи се поделени по секој основ.  Општествениот договор, според  францускиот мислител  Жан Жак-Русо , кај нас повеќе не функционира. Прашање воопшто е дали и некогаш суштински  профункционирал.  Една општествена заедница, ги поставува „  правилата на игра“, односно  договорно гради институционален систем, и една развојна  компонентна траекторија. Кај нас  после прогласувањето на независноста, во 1991 година, политичките елити, договорија помеѓу себе си само едно: тотална партизација на институциите на системот, и отидоа дури подалеку и полошо,т.е ги  партизираа и општествените односи. Каде и да се завртиш „ големата рака на партијата“, и непотизмот  те дофаќа. Некој се разболел, има  здравствен проблем , веднаш  пробува „ да фати врски“, кај роднини и  пријатели и  дали има некој во „ државна“,  на некому му треба катастарско решение, пак се јавува кај роднини и пријатели дали има „ чоек“ во оваа институција. За вработување, и не станува збор, децата  во градинките знаат веќе како функционира  тоа. Се избербати и  спортот, музиката, уметноста.

„ Едни за Звезда, други за Партизан, Србија пропаДа“

 

Се поделија и  музичари, споритсти , уметници.  Новинарството е спуштено на најниски гранки, бидејќи во симбиозата на политиката-бизнисот-новинарската фела, оваа последната најголема  штета претрпе. Тие новинари, кои согласно својот морален интегритет и кредибилитет, одбиваа  „ да фатат страна“, се борат со ветерници. Последните острови на новинарската слобода, тие ги бранат достоинствено и храбро, но се поставува прашањето до кога? Другите, одамна се поделија  да навиваат или за „ Партизан или за Звезда“. Има  едно граѓанство во нашата земја, кое три децении  упорно одбива да се вклопи во овој  алерговирусен систем. Пробуваат да сменат нешто, но разочарани од константните состојби кои наместо да се подобруваат, тие се влошуваат, немаат друг избор и го фаќаат правецот на Запад.  Чесните, трудољубивите, моралните и  принципиелните, за жал, не го најдоа своето место под  сонцето,  во земјата каде што сонцето вечно сјае. Напротив  тие со своите морални и вредносни критериуми ги прават ненормални. Како да изградите  саглам држава, во која сите вриштат на социјалните мрежи  дека државата е потоната во невиден криминал и ендемска корупција, а на слава после испиена трета „ жута“, констатираат категорично: „ Па што, и ја да сум на нивно место, и ја ќе крадам“. На крајот  излегува, лисицата вели дека грозјето е кисело, бидејќи пустата не може да го дофати, односно граѓаните фрлаат дрва и камења по политичарите и бизнисмените дека се крадци и криминалци, не зошто тоа го сметаат за неисправно, ами зошто тие  не се на нивното место. Немаме вредносен ориентир, каде тераме и што сакаме да постигнеме како општество. Живееме од  денес за утре, купи ден –помини, веќе три децении. Поставувањето на здрави основи, ќе создадеше од ова општество и  од оваа наша Македонија, држава која ќе биде достоинствено место за живеење. Силата е во народот, односно во граѓаните. Со  масовната депопулација,  и со ненормалната тенденција на иселување, кај нас сериозно треба да се постави прашањето, дали е  под знак прашалник и физичкиот опстанок на нацијата во наредните сто години. Парадоксално, истиот тој физички опстанок на Македонците не бил доведен ни во најтешките времиња под  отоманско ропство, туку се поставува денес во независна и слободна  Македонија. Проклетието на балканските народи и општества да бидат заробени во еден систем, во кој однапред ги губите шансите за сопствен кариерен и животен напредок, направи од овие држави пустош.

 

Не ни е крива „ курвата од Вавилон“, зрели сме за сопствена одговороност!

Не, членството во НАТО алијансата и членството во Европската унија нема да ги решат натрупаните животни проблеми од секој аспект: та дали бил од економско- материјална природа, или пак за реалната природа и животна средина која ја  загадивме и избербативме до немајкаде.  Треба да разбереме како опшстество, дека т.н критериуми за членство во овие заедници ги правиме заради нас пред се како граѓани, не заради за  да им се допаднеме на европските и бриселските бирократи.

Читам на една ФБ страница, наведени преку 20 „ факти“ , како всушност бугарската држава ги изгубила своите бродоградилишта,  својата земја, струја, вода, туризам и земјоделие „ продавајќи “ им ги на тие од Европа. Само и само неспособна држава да ги управува своите ресурси, без капацитет за нивен раст и развој, ги губи овие  свои стопанства. Кој им е крив на соседите, кога нивните политички  елити, само создадоа илузија дека ја реформираа Бугарија за да ја внесат во полноправно члеснство во ЕУ и НАТО, наместо да се зафатат со суштински и коренити реформи и да ја уредат државата како нормална и функционална земја на европскиот континент. Зошто вакви жалопојки нема од Естонија, од Словенија, од Малта, од Чешка? И тие се новопримени земји во бранот на проширување на ЕУ кон Истокот? Едноставно, зошто се реформирале реално , не создавајќи „ Потемкинови села“. Примерот со приемот на Бугарија и Романија, нам веќе (ќе) не чини. Европските бирократи  велат дека грешката повторно со  земјите од Западен Балкан нема да ја сторат, т.е да примат корумпирани, партизирани, класични балкански земји и после „ да си ја чукаат главата“. Реално и подобро за нам како држава и општество. Чуму ни е таа ЕУ, кога во неа ќе влеземе како балканска држава. Потоа, никој жив, не ќе може да не натера да се реформираме заради нас себе си и да си го подобриме животниот стандарт , односно народски кажано живеачката. Процесот на европристапување треба да биде катализатор на тие промени, и истиот после десетина години, да создаде една пофункционална држава. Во октомври , нека го започнеме тоа „ патување“. Европјаните овој пат немаат оправдување за нашиот неуспех, кој е и нивни неуспех.

Автор: Благојче Атанасоски – Аналитичар, историчар и магистер на политички науки

Сподели.