КОЛУМНА: Килава дипломатија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во модерниот свет повеќе не постојат мали и големи држави, мали и големи дипломатии. Во свет во кој движечка сила е технологијата, Сингапур станува многу поважен од Белорусија, Луксембург од Казахстан. Но, за жал, како и во другите сфери, Македонија останува заглавена во сопствениот свет без критериуми – ем мала по население, ем мала по дипломатска мрежа, ем скапа по сумите.

МНР за две години има потрошено повеќе од 200000 евра за градежни услуги во дипломатските мрежи, 350000 евра не вратиле во државната каса во 2017, 5000 евра за цвеќиња, уште толку за лешници и бадеми… Уште повеќе, МНР повеќе наликува на некој факултет по политички науки, па спонзорира научни дебати и работни групи кои имаат за цел да ги редефинираат историските портрети на Цар Самоил или Гоце Делчев. Да не зборувам дека најважните де-ка-пеа за македонските национални интереси се испразнети, а нови амбасадори нема. Логично се поставува прашањето – резултати кога?

Откога министерот со неговиот шеф влегоа all in во решавање на регионалните спорови на државата, изгледа заборавија дека за такви комплексни потфати потребна е сериозна и квалитетна поддршка од најупатените – стручните амбасадори кои животот го поминале посветувајќи се на меѓународни односи и политика. Но, овие двајца, дали од суета, дали од недоветност, сами одлучуваат сè – и историја, и идентитет, и потекло на народот, и јазик, и односи. Да бидам попрецизен. Тие не одлучија. Тие само потпишаа нешто што им беше сервирано. Илинденска, не не – Горна, уствари не – ерга омнес, подобро – Северна. Туку ај да не „мрчам“, да понудам неколку алтернативи. Неколку политики кои мораме уште денес да ги оствариме. Во спротивно – подобро да го затвориме МНР, да ги продадеме амбасадите за да купиме уште некој Мерцедес или Пасат и да оставиме Грците да ни ја тераат дипломатијата. Кога веќе ќе не чуваат со авиони, ќе ни обучуваат преговарачи за со ЕУ, ќе финансираат инфраструктура, ќе укинуваат химни, па и нека тераат дипломатија. Ете Никос Коѕиас нека биде македонски амбасадор во САД, и онака е местото упразнето.

Прво, Македонските амбасадори и конзуларни претставници мора да добијат брзи обуки и тренинзи по модерна економска дипломатија. За мала земја како нашата, економијата и промоцијата е сè. Престојот во странските држави не треба да се сфати како шанса да се образоваат децата на амбасадорите, да се „среди“ некој личен интерес или пак да се самопромовира. Економските амбасадори се покажаа како ефективен, но скап начин на водење економска дипломатија и промоција на можностите за инвестирање. Но, наместо целосно да се укинат, тие требаше да се репозиционираат во некои од најважните бизнис центри, а останатите да станат тренери за нашата дипломатска „флота“. На тој начин ќе се постигнеше троен ефект: 1) централизирање на најдобрите економски промотори во бизнис центрите како Лондон, Берлин, Њу Јорк, Пекинг, Сингапур, Мумбај, Дубаи; 2) пренос на институционално знаење кое би останало во дипломатските кругови; 3) дипломатија која најмногу ќе води економски битки за натпревар со соседите. Затоа што, идните натпревари на нациите не се натпревари во наоружување, туку во економизирање, во дигитализација, во сеопшт напредок.

Второ, Македонската дијаспора е комплетно изолирана од македонската дипломатија. Освен во ретки случаи, нашата дијаспора во светот е оставена сама да ги негува корените, да ги празнува празниците, да се радува, да тагува и да протестира. Во исто време, потенцијалот кој нашата дијаспора го има преку нивните бизнис и приватни контакти, е непресушен но неоткриен извор за нашите дипломатски претставници. Потребен е пресврт. Моторот на позиционирањето на нашата држава се нашинците. Тие се ликот на државата. Поддршката за нив, пријателскиот однос и градењето мостови со матицата е клучот. Во спротивно, распрскани, разделени и раскарани сме само капка во морето.

Дипломатијата треба да е паметна, а тоа не се скапите коктели и вечери.Мисиите не смеат да бидат подарок за заслужните партиски кадри или начин некој да се изолира од домашната политичка сцена. Фраковите и лептир машните треба да се заменат со утрински состаноци со бизнис заедницата, пладневни саеми за туризам, попладневни гостувања на семинари на светските универзитети и вмрежување. Чевлите треба да се изабени од создавање контакти. А чевли не се абат од дебели персиски килими во скапи балски сали.

Трето, создавање на вистински систем на кариера во дипломатијата и зајакната дипломатска академија каде не може да помине било кој. Наместо да ги искористи потенцијалите кои ги има во МНР, Кирацовски тврди дека немаме доволно квалитетни кадри за претпристапните преговори со ЕУ. Од дома ли да дојдеме да преговараме? Не ли ви се доволно новите 40000 вработувања? Чуму им се тогаш сите оние ербап советници – Брат Љубе, Цацко, Самка, Цветанка Ласкова… тие ако не знаат како да преговараат, од кај па ние да сме информирани за поглавјата од acquis.

Комплетната екскомуникација на претседателот на државата, го декапитираше двоглавиот систем на извршната власт. И наместо да бидеме „уиграни“ како едно, во меѓународните односи, Владата го клевети претседателот и му ги одзема оригинерните надлежности да предлага амбасадори, да ја претставува државата, да биде врховен командант на вооружените сили во секоја смисла на зборот. Во овој бицефален систем, ресурсите кои ги поседува претседателот, и човечки и материјални и во вид на контакти, остануваат апсолутно неискористени. Па така десетиците советници, амбасадори и административци земаат плата без да им се даде можност да придонесат во градење на мала но паметна дипломатија.

Ние немаме пари за овој систем. Додека народот гладува, лешниците и скапите стипендии за децата на министерот се луксуз од кој му се лоши на „обичниот“ човек. Но, тој истиот „обичен“ човек е свет гласач кога доаѓа денот на изборите. Неговиот суд ќе биде последниот за транзициската каста политичари.

Оние чиј живот, според нив, е поважен од животот на сите останати.

 

Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи и меѓународна економија, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Сподели.