КОЛУМНА: И Холивуд е ,,мало село” за нас

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Се  доведовме во ситуација  и еден Стивен Спилберг да ни позавиди. Заплетканоста на „ сценариото“ , ја доживеа кулминацијата на  македонската трилер сага, и сега останува уште Холивуд да не екранизира. Можеби ќе добиеме и Оскар. Останува само да се најде  адекватна актерка, која ќе ја игра главната роља на нашата главна „ хероина“, кое ќе биде малку потешко. Не, не алудирам на нејзините физички димензии, кои некои сакајќи да ја понижат и омаловажат ги  пренагласуваат и мислејќи дека со тоа ја навредуваат, ја покажуваат својата невоспитаност. Мислам на исклучителни актерски способности, кои треба да влезат во образот, и да ја пресоздадат нејзината елементарна  несоодветност со тежината на функцијата , која ја обавува(ше). Да, тешко е да „ глумите“, дека имате проблем со дикцијата и кога читате, камо ли , кога разговорно имате потешкотија да сврзете три просто-проширени реченици.  Кога сме веќе кај неа, нели е срамно, понижувачки, безобразно и безинтегритетно, во целата скандалозна афера, во која македонскиот „ Фалконе“, е инсинуирано инкриминиран дека всушност е самиот „ Ал Капоне“, воопшто „ око да не ви трепнува“, и да си уживате на плажите кај јужниот сосед, уште па и да ви ја масираат главата? А  таа, сигурно и многу ќе ве боли, кога сите логични факти, редоследно се против вас, колку и да сакате „ запрепастено и згрозено со индигнација да ги отфрлите“. Па добро, ако вистината е на ваша страна, ќе се соочите со целата македонска јавност, на дебатна емисија каде што ќе бидат поканети релевантни македонски новинари, кои ќе ви ги постават сите прашања, кои треба да бидат одговорени, и за кои целото македонско граѓанство заслужува одговор.

Заштитени бели ( криминални) мечки! 

Македонскиот премиер, отфрлајќи ја својата  „ поврзаност“ , во замрсената афера на Боки, Зоки, Оки и  специјалната „ Кејти Јан“, истакна дека македонските граѓани заслужуваат правда. Се согласувам и јас , дека и тоа како залужуваат правда, особено што после 25 годишно, тотално разорување на судско обвинителскиот систем, видоа тронка надеж во специјално формираното јавно обвинителство, кое имаше за задача да гони „ висок криминал и корупција“, во редовите на претходната владејачка гарнитура. И што добија македонските граѓани, кои веруваа искрено во намерите на „ Чарлиевите ангели“ , дека конечно ќе расчистат со криминалот кај високите политички елити, и дека во Македонија е возможно да завладее правото, и правната држава? Ништо, освен распрснат  надуен меур на надежта, отворена пандонира кутија, од кои излегуваат само бес, гнев, јад и чемер. Ми се чини дека владејачката елита, и не е свесна се уште, кои се последиците од овој скандал. Дека после ова крешчендо, не во наредните 27 години, ами во наредните 127 години, никој веќе во оваа држава ќе нема грам надеж , најмалку доверба, дека „ законот ќе профункционира подеднакво за сите“. Смешна е таа флоскула, и веќе никој нималку не верува во неа. Здраворазумски, еднаш му верувате на некој, па дури и два пати, ама константно скоро три децении, некој да ве лаже и да ве манипулира, дека правдата ќе биде достижна за секого, а всушност за заштитените бели мечки, : читај-  не стигнала до никого, тогаш не ви преостанува ништо друго освен да немате никаква верба дека во оваа држава работите ќе се сменат на подобро, некогаш и негде, и дека ќе го фатат вистинскиот правец на функционирање. 

 

Нема правда, има бескраен немир 

Угледен  американски новинар, решил да направи „ репортажа“ од начинот на функционалноста на политичкиот и институционален систем, во нашата соседка, членка на ЕУ и НАТО, односно во соседна Бугарија. Разговарајќи со новинари, поранешни политичари,  експерти од НВО и граѓанската јавност дошол до многу едноставен заклучок, дека Бугарија и покрај тоа што е полноправен член на најмоќните военополитички и економски сојузи на стариот континент, и покрај три децении од напуштањето на Варшавскиот пакт, и патронатот на Советскиот Сојуз и „ мајка Русија“, си останува истата  „корумпирана, криминализирана, скапана држава во која шепа олигарси го контролираат обвинителскиот систем, и целокупната политичка сцена“. Во оваа реченица, што е поразлично ако се копира за да се опишат денешните состојби кај нас? Скоро ништо. Паролата „ нема правда –нема мир“, која беше главна „ звезда водилка“, на првенците на Шарената револуција ( со која се создаде енергија на надеж, која се канализираше и доведе до пад на децениското владеење на Груевски), денеска служи за  подбишега на симпатизерите на опозицијата кон „ шареноликите“. Денеска нема ни правда, а има само немир- но на ФБ и на социјлните мрежи . Многумина кои се вложија во таа шарена револуција, верувајќи во нов почеток на Македонија, денес се бесни и се чувствуваат изманипулирани, изневерени, предадени, од некои за повисоки цели, а тие се удобни фотељи.

Граѓаните  си „ лаат“, карванот на политичарите си врви!

  Од друга страна, пак „ оружјето“ кое тогашниот лидер на опозцијата, а денешен премиер , го употреби за политичка пресметка со неппријателот, денеска се користи од  опозицијата со иста цел- рушење на власта, што значи, во Македонија, е многу извесно дека „ политичките битки“ ќе се водат со објавување на мегаскандалозни „ бомби“ со кој ќе се демаскира владејачката елита. Во оваа  карлшмитовска борба до истребување на политичките закрвени елити, најмногу настрадуваат обичните, чесни и лојални граѓани на оваа земја, даночни обврзници, кои не бараат многу од своите избрани јавни функционери, а само обезбедување на достоинствен и пристоен  живот. Маските паднаа, царот е угол-гол. Веќе никој никогаш нема да поверува во искреноста и заложбите на некој политичар. Разочараноста ќе расте правопропорционално, а со тоа и масовното иселување, и демографската чума, која Македонија ја коси, и во еден правец ја носи-тој на Запад. Политичките елити, како и досега ќе функционираат по старата добра позната „ кучињата си лаат ( читај:  граѓаните на ФБ бес истураат), карванот ќе си врви ( читај привилегиите, функциите и материјалните удопства ќе си ги делиме). Доста е, крајно време е сите ние изманипулираните од сите политички елити, да го превртиме „ нивниот карван“, и ние во нив да се качиме. На нив, нека им биде да останат да „ лаат по нас“, или ако сакаат нека останат со подзинати усти. 

Автор: Благојче Атанасоски – Аналитичар, историчар и магистер на политички науки

Сподели.