КОЛУМНА: Аферашки живот… дојде…

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Ќе доаѓал живот, ама не ни кажаа дека ќе бил аферашки. Ќе било мед и млеко, ама не ни кажаа за кого и како. Ќе сме добиеле датум за преговори со ЕУ, ама не ни кажаа кога, зашто тие од ЕУ изгледа биле несериозни, како што не убедуваат, па само тие знаеле кога ќе се случи тоа. И додека чекаме да ни се случи животот,  младите заминуваат, стандардот оди некаде надолу и повторно чекаме. Немаме проблем со чекањето. Ако ништо друго, барем не ни е досадно. Секој ден ни сервираат по некоја афера, потоа следува извинување до небото, или од дното на срцето и така продолжуваме да живеме среќни и весели. Искрено, не сме ни среќни, ни весели, ама живееме во очекување, а нашата трпеливост е бесконечна.

    Полека, што е сега ова со Катица? Зошто одеднаш оставка? Толку ли е загрижена за обвинителот на кој рацете му лепеле пари или ептен е влезена во филм дека таа  е клучот за датум од ЕУ? Ако ни каже што се сменило, бидејки тврдеше дека нема шанси да замине од СЈО, арно, ако не ќе ни каже некој друг упатен во сите дворски игри. Можеби ќе ни каже некој што ќе биде заштитен сведок, нели тие се во мода. Ме збунува сето ова, СЈО требаше да биде главниот чувар од лепливите прсти на главните играчи, а сега уште и мерат дека за сите овие години имала само неколку осудителни  пресуди. Зошто не гледаат дека удоми колку што сакаше роднини и пријатели на државни јасли? Зарем е тоа малку за плата од неколку илјади евра? Ама тоа не е битно, ќе видиме кој ќе биде ,,мажот,, што ќе ги спои коцките од криминалниот мозаик и што ќе не запознае со мозоците кои ем глумат загриженост за државата, ем играат валкани игри до бескрај.

    Како и да е, клопчето од оваа рекетарска шема, полека почнува да се одмотува..Бојан Јовановски, или како што милува да се нарекува Боки13 ка и Кичеец, за сега се чини се првите “постанари на Шутка”, а дали ќе им прави друштво Фрики, Кики или кој знае кој друг, ќе дознаеме..

Сега малку и за другите афери… Се случи тендерот за опрема за навигација. Засега добивме најава за еден куп тужби за тие што се одважија да и ја понудат аферата на јавноста, ама и за медиумите кои имаа смелост тоа да го објават. Добивме извинување до небото и толку. Сите остануваат таму каде што се. Скраја да е, некој да е виновен.

    Нема да споменувам за химната, зашто не заслужува да се спомене, освен, ако не е како што надолго и нашироко се зборува по социјалните медиуми, дека се било пробен балон. Ќе видиме, нели сме ептен трпеливи.

    Ни се случи приказната со бесрамните руски комичари. Некои несериозни типови се осмелија прво да ни покажат како ни функционира протоколот, а потоа и безбедносните решенија во владиниот кабинет.  Се разбира и тука следуваше извинување. Ама само толку. Нема одговорност за никого и за ништо, се е мед и млеко, освен малку аферашка забава во екот на годишните одмори.

    Би било прекрасно да е само аферашка забава, ама на сите ни е догорено. Тешко дека ни е до забава. И сега…. нема сега, а мора да се преиспитаме како држава и конечно да ја прифатиме реалноста дека вака не оди. Без разлика кој повеќе сака да биде на власт, ред е тоа да го каже народот, а не тие што бројат ливчиња.

    И сега ќе си имаме лидерска средба? Што може да ни смени за да почувствуваме дека дошол животот.

Филип Ѓоргиев – Член на Извршен комитет на УМС ВМРО-ДПМНЕ

Сподели.