Кој се доаѓа во Вардар?

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, напорно работи на комплетирање на ростерот за наредната сезона, во која „црвено-црните“ повторно ќе бидат дел од Лигата на Шампионите. Голем дел од работата беше завршен со задржување на клучните ракометари од шампионскиот состав како Дибиров, Чупиќ и Стоилов, а сега се водат преговори за ангажман на нови ракометари во таборот на „црвено-црните“.

„Го задржавме костурот на екипата, ќе донесеме и квалитетни засилувања, со што ќе го оствариме она што го најавив – да имаме конкурентен тим што ќе се натпреварува на сите полиња. Амбиција ни е пласман во четвртфиналето во ЛШ, како и атак на двојната круна на домашната сцена и на пехарот во СЕХА-лигата“, најавува претседателот на Вардар.

Низ медиумите се шпекулира со бројни имиња, а Михајловски во разговор за ЕКИПА обелоденува дека досега е комплетиран само еден „интернационален“ трансфер, оној на францускиот голман Кантегрел.

„Без оглед на пишувањата за барањата од Сесон, можам да потврдам дека ние имаме договор со Кантегрел. Истиот е на една година, со можност за продолжување на уште една сезона“, потврди Михајловски.

„Вардарци“ се во игра и за ангажман на средниот бек на Порто, Мартинс Соареш.

„Тоа е интересен играч со кого сме во преговори. Сепак, не би рекол дека сме пред потпис бидејќи треба да се исполнат неколку услови, најпрвин ние да се договориме до последен детал со Соареш, а потоа и да постигнеме договор со Порто околу отштетата“, вели Михајло Михајловски.

Воедно, тој категорично ги отфрли шпекулациите дека „црвено-црните“ се наоѓаат пред потпис со десниот бек на Барселона, Јуре Доленец.

„Слободно можам да кажам дека ние со Доленец ниту некогаш сме разговарале, ниту пак ни е во план да дискутираме за негов трансфер во Вардар“, дециден е првиот човек на „вардарци“.

Сподели.