Карачиќ: Со цело срце навивав за Македонија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Ракометната селекција на Хрватска вечерва ги продолжува настапите на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. По Грац, каде извојуваа три победи, „коцкестите“ се преселија во Виена, а втората фаза од овој собир ќе ја отворат со натпревар против домаќинот Австрија.

Еден од најдобрите ракометари на Лино Червар, Игор Карачиќ, за Gol.mk истакна дека, иако се фаворити на овој дуел, мораат да бидат претпазливи, затоа што против себе имаа селекција која игра во одлична форма, а ќе добие и голема поддршка од трибините.

„Знаеме дека нè чека тежок натпревар. Исто така, за првпат на овој собир нашите навивачи нема да бидат побројни. Сакам да им се заблагодарам за големата поддршка која ни ја даваа на натпреварите во Грац, и сигурен сум дека и тука во Виена тие ќе бидат нашиот осми играч.

Ќе дадеме максимум, ќе се бориме на овој дуел иако против нас го имаме аутсајдерот на хартија во оваа група. Австрија игра во одлична форма на овој собир и затоа не треба да се опуштаме. Како и секогаш атмосферата во нашата селекција е позитивна. Тоа нема никогаш да се смени. Чувствуваме дека на ова ЕП можеме да направиме поголем резултат“, вели хрватскиот бек.

Карачиќ не криеше дека со срце навивал за Македонија и жали што нашите ракометари не обезбедија втора фаза, а со тоа и меѓусебен натпревар во Виена.

„Ги гледав сите натпревари на Македонија и жал ми е што забележаа рана елиминација. Имаа подлога за учество во главната фаза, но штета што не ја искористија. Со цело срце навивав за Македонија, пред сè заради моите пријатели кои ги имаат таму. Навистина многу ми е жал што нема да играме против нив во оваа фаза. Ќе беше натпревар за уживање, не само на терен, туку и на трибини.

Но, верувам во квалитетите на македонските ракометари. Сигурен сум дека ќе се појават некои нови момци, можеби за тоа ќе треба подолго време, но верувам дека Македонија повторно ќе биде конкурентна. Затоа сакам да упатам апел до јавноста да биде трпелива“, додаде поранешниот член на Вардар.

На претходните два собири под водство на Червар и Раул Гоназалез, Македонија претежно играше со седум ракометари во напад, што не беше таков случајот под водство на Брестовац.

„Секој селектор има свој филозофија и начин на игра. На последниот собир Раул со Македонија играше напад „7-6“ затоа што знаеше дека нема долга клупа и мораше да бара решение како да се справи со посилните репрезентации. Но, сите селектори си имаат свои замисли“, заврши Карачиќ.

Хрватска дуелот против Австрија го игра вечерва од 18:15 часот во виенската арена „Штадхале“.

Сподели.