Канје Вест го привлече вниманието на православниот свет наспроти сомнежите во неговата религиозност

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Објавувањето на иконата на Свети Климент Охридски од страна на славниот рапер Канје Вест на Твитер, вчера го привлече вниманието на македонската јавност. На социјалната мрежа веднаш почнаа да се шират шеги на сметка на Вест, во кои му се нудеше сместување во Охрид и беше прогласен за почесен граѓанин на македонскиот туристички центар, а медиумите пишуваа за неговата постапка која изненади многумина.

Самопрогласениот гениј, кој имаше и претседателски амбиции, во повеќе наврати истакнуваше како се свртел кон верата. Канје Вест од јануари минатата година јавно соопшти дека го прифатил христијанството. Во прилог на тврдењата на раперот е и вчерашното објавување на повеќе од 40 православни икони на неговиот твитер-профил за помалку од еден час, со што го привлече вниманието на православниот свет. Вест на Твитер има 30,9 милиони обожаватели, што е значително повеќе од папата Франциск, кој на Твитер го следат 18,7 милиони корисници. Ексцентричниот музичар и претприемач е верник на евангелистичката црква, иако не е јасно потврдено, а неговата сопруга Ким Кардашијан и нивните четири деца минатата година беа крстени по православните обичаи во Ерменија, откаде што потекнува нејзиниот татко.

Канје Вест и Ким Кардашијан на крштевката на нивните деца во Ерменија

Но, американската јавност се сомнева во посветеноста на Канје Вест кон христијанството, со оглед на неговиот невообичаен начин на практикување на верата, како и поради ненадејната трансформација и очигледната самопромоција. Токму затоа многумина се прашуваат дали станува збор за маркетиншки трик.

– Насочувањето на Канје Вест кон ортодоксното христијанство беше неортодоксно – пишува американскиот магазин „Ескваер“.

Музичката ѕвезда чие богатство се проценува на 1,3 милијарди долари (иако тој тврди дека „тежи“ 3,3 милијарди), од почетокот на минатата година ја поминува секоја недела предводејќи црковни верски служби исполнети со госпел верзии на популарни песни, во придружба на хор. Во видеото во продолжение е изведбата на Канје на неговата песна „Jesus Walks“ за време на една од службите.

Тој во октомври истата година го издаде и албумот „Исус е крал“ (Jesus is King) што се совпадна и со промовирањето на неговата скапа колекција производи со верски мотиви. Билетите за верските служби на Вест се делат бесплатно, но на црно достигнаа и цена од 500 долари, како што тврди „Ескваер“. Згора, посетителите како и самиот пејач, обично носат тренерки, што не им се допадна на Американците кои сметаат оти ваквиот начин на облекување не е соодветен за посетата на црква.

– Неделната богослужба на Вест е црква за Холивуд. Потполно неортодоксна. Додека неговата верба не наиде на одобрување од христијаните и од корисниците на Твитер, има една олеснителна околност – се испостави дека можете да облечете што сакате следниот пат кога ќе одите на свадба. Слава му на Канје – заклучува „Ексваер“ во написот посветен на религиозноста на Вест.

Сподели.