Како функционираат тестовите за коронавирус

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Тестот со метод на ПЦР трае цел еден ден и за да се спроведе, мора да се достапни сите потребни реагенси. Сепак, недостигот од реагенси може да го зголеми периодот на чекање на резултатите со денови или недели. Првиот чекор е собирање примерок. Со помош на стерилно меко пластично стапче, здравствените работници земаат брисеви од внатрешноста на носот или од задниот дел на грлото на пациентот. Целта е да се соберат материјали што неодамна се наоѓале во белите дробови, каде што се верува дека вирусот се реплицира. Потоа, стапчето се запечатува и се праќа до лабораторија за да се тестира. Во лабораторијата, првиот чекор е да се издвои РНК од другите материјали во примерокот што би го уништиле вирусниот генетски код. Ова се нарекува РНК-екстракција. Доколку се прави рачно, процесот обично вклучува додавање хемикалии и центрифугирање на примерокот, така што се издвојува РНК. Постојат и машини за автоматизирање на процесот.

Откако ќе се прочисти РНК, следната постапка е со обратна транскриптаза да се претвори во ДНК. Потоа, ДНК влегува во тест-епрувета заедно со т.н. зачетници, односно кратки фрагменти од нуклеинска киселина, кои служат како почетна точка при репликација на ДНК. Овие зачетници се дизајнирани да ги откријат и да се врзат за специфични сегменти од вирусниот геном. Со други зборови, тие треба да го препознаат и засилат само генетскиот материјал од вирусот. Сево ова се случува во ПЦР-машина, каде што се менуваат температурните циклуси. По 30-40 циклуси од процесот, една копија на ДНК се размножува на стотици милиони копии, а тоа е доволно количество за научниците да можат да почнат со детектирањето. Тие го прават тоа со флуоресцентна боја, која се додава во ПЦР-машината во време на фазата на засилување. Таа свети само во присуство на ДНК. Како што се зголемува бројот на копии на ДНК, така се зголемува и количеството на емитувана светлина. Специјален инструмент за мерење на светлината во ПЦР-машината потоа ги чита обрасците на флуоресценција за да се утврди кои примероци го имаат вирусот.
– Ако во примерокот има коронавирус, тогаш РНК ќе се транскрибира во ДНК и ќе се засили со флуоресцентен сигнал, што ќе каже дали тестот е позитивен или негативен

Сподели.