Губењето на мирисот кај коронавирусот е поинакво од она кај настинката и грипот

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Губењето на чувството за мирис е еден од симптомите на коронавирусот, ама е поинаков од оној што го имаат луѓето кога ќе настинат или кога ќе имаат грип, велат европските експерти што ги изучуваа заболените пациенти.

Губењето на мирисот кај заболените пациенти од ковид-19 се случува одеднаш. Обично носот не е затнат и повеќето заболени можат слободно да дишат.

Друг симптом е губењето на чувството за вкус. Пациентот нема никакво чувство за вкус, и не може да направи разлика меѓу горко и благо, пишуваат истражувачите за магазинот „Рајнолоџи“.

Тие сметаат дека ова се случува зашто вирусот ги напаѓа нервните клетки, кои се директно поврзани со чувството за мирис и вкус.

Главните симптоми на коронавирусот се: висока температура, континуирано кашлање, губење на чувството за мирис и вкус. Секој со овие симптоми треба да се повлече во изолација и да направи тест.

Водачот на истражувањето, професорот Карл Филпот од Универзитетот во источна Англија, го тестираше чувството за вкус и мирис кај 30 доброволци: десет заболени од ковид-19, десет со тешка настинка и десет здрави луѓе.

Губењето на чувството за мирис било најчесто кај пациентоте со ковид-19. Тие не можеле да ги идентификуваат мирисите.

– Тоа е клучната разлика меѓу коронавирусот од другите респираторни вируси. Ова е возбудлив заклучок затоа што со тестирање на мирисот и вкусот ќе може да се заклучи дали пациентот има коронавирус или обична настинка или грип – вели Филпот и додава дека луѓето и сами ќе можат да се тестираат, со тоа што ќе користат кафе, лук, портокали или лимон и шеќер.

Чувството за вкус и мирис кај заболените пациенти се враќа после неколку недели.

Професорот Ендрју Лејн е експерт за проблеми со носот и синусите на универзитетот „Џонс Хопкинс“. Тој и неговиот тим го проучуваат ткивото од носот и истражуваат како коронавирусот влијае врз губење на чувството за мирис, а своите откритија ги објавија во Европскиот магазин за респираторни системи.

Тие воочиле присуство на високо ниво ензими во носот, кои се одговорни за тоа што не можеме да почувствуваме мирис. Се смета дека тој енизм, кој се вика AЦE-2 (angiotensin converting enzyme II), е појдовна точка  која овозможува коронавирусот да оди во клетките и да предизвикува инфекција. Носот е едно од местата каде што САРС-Ков-2, вирусот што го предизвикува ковид-19, влегува во телото.

Професорот Лејн вели дека треба да се направат експеримнти за да се утврди дека вирусот ги користи овие клетки за да го инфицира телото.

– Доколку се испостави дека е така, тогаш ќе можеме да се избориме со инфекцијата со антивирусна терапија, која ќе се дава директно преку носот – вели тој.

Сподели.