Епидемиологот Кон вели дека Владата на Србија ќе каже зошто има три пати повеќе новозаболени од коронавирус

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Српскиот епидемиолог Предраг Кон по повод речиси трикратното зголемување на бројот на заразени со коронавирус во Србија ден по изборите, изјави дека добил објаснување за тоа и дека ќе го добие и јавноста, но не од него, туку од владата.

Кон во емисијата „Впечаток на неделата“ рече дека тој има увид во истите податоци што официјално се објавуваат на страницата kovid.rs и дека не ја гледа базата на податоци на Институтот Батут, на која се повика Бирн кога објави дека статистиката на заразени и на мртви е многу поголема од објавеното.

„Побарав тоа да се испита“, рече Кон и додаде дека пристапот до базата на податоци на Институтот Батут е ограничен и дека тој нема увид во таа база.

„Треба да се извршат ревизии на тие податоци, тоа е неопходно“, рече Кон, додавајќи дека не верува оти некој ги криел податоците.

Тој исто така рече дека нема да поднесе оставка затоа што не може да го „напушти бродот“ во оваа ситуација.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера рече дека денеска во неколку српски градови „веројатно“ ќе бидат воведени рестриктивни мерки, слично на оние што ги воведоа некои локални самоуправи во Србија во изминатите неколку дена поради разгорувањето на ковид-19.

Според неа, мерките ќе бидат во сила на одредени места, а не на целата територија на Србија.

„Во Белград секако, во него има најмногу заразени луѓе, не по жител, туку вкупно, но повторно две третини од сите заразени се во Белград. Тоа е претежно помлада популација, така што ќе разгледаме како да ги таргетираме мерките и да го решиме тој проблем во тој момент“.

Таа изјави дека „секако“ ќе биде забранета работата на ноќните клубови и дека ќе се разгледа и забрана или ограничување на работата на рестораните.

Рече дека „размислувала за тоа што е паметно (во сегашната ситуација)“ и дека е „очигледно“ дека короната ќе биде присутна сè додека не се развие вакцината против ковид-19.

„До тогаш, треба да живеете… И тие клубови и тие ресторани се економија, која го исполнува буџетот од кој се плаќаат пензиите“, рече таа.

Вчера во Србија беа регистрирани уште 254 новозаразени во последните 24 часа, а починаа три лица.

Сподели.