ЕМА: Премногу бустер дози може да го ослабат имунолошкиот систем

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Европската агенција за лекови предупреди дека повторувањето на бустер дозите на вакцината против коронавирус може да има негативен ефект врз имунитетот и може да не биде одржливо.

Повторувањето на бустер доза на секои четири месеци може да го ослаби имунолошкиот одговор и да ги измори луѓето, соопшти Европската агенција за лекови (ЕМА). Наместо тоа, државите треба да направат подолга пауза помеѓу бустер дозите и да ги врзат за постудената сезона, слично како кога станува збор за вакцинацијата против грип, велат од агенцијата.

Неодамна, Израел беше првиот што воведе втора бустер доза за лица над 60 години. Во Обединетото Кралство беше објавено дека бустер дозата обезбедува добро ниво на заштита и дека во моментов нема потреба од нов бустер, но дека ќе ги разгледаат податоците, наведува Блумберг.

„Бустер дозите може да се дадат еднаш, можеби двапати, но тие не треба да се повторуваат одново и одново. Треба да размислиме како да преминеме од сегашната пандемија во ендемична состојба“, рече Марко Кавалиери, раководител на одделот на ЕМА за биолошки опасности и вакцинална стратегија.

ЕМА додаде дека тие би можеле да одобрат нови вакцини насочени кон специфични варијанти најрано во април, што беше најавено од некои фармацевтски компании, бидејќи тој процес трае три до четири месеци.

Сподели.