Бугарски интелектуалци: Не може да се очекува една страна во преговорите да изврши самоубиство

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, а дебатите, наместо за историски прашања, да се префрлат на полето на соработката во културата, економијата, политиката, екологијата… бараат група бугарски интелектуалци во писмо адресирано до премиерот Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во нивната земја.
Тие предлагаат како еден од првите чекори да биде именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8, „Гоце Делчев“.
„Нема ли токму тоа да биде оној симбол, наследство од минатото, кој не го дели, туку го зближува народот од двете страни на границата?“
На писмото, објавено од страна на Бугарската заедница за либерална демократија, досега се потпишани 30 бугарските интелектуалци: историчари, социолози, политолози, економисти, правници, новинари, активисти за човекови права, психолози и еден поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Жељев. Ова е второ слично писмо на група бугарски интелектуалци во последните два месеци. Во првото, објавено во октомври годинава, се  критикуваше ткн. објаснувачки Меморандум на Софија испратен до другите ЕУ- членки. Претходно, академици од Бугарија реагираа и на Декларацијата на бугарскиот парламент за Северна Македонија.

Сподели.