Бејрут е предупредување за потенцијалните „темпирани бомби“ низ светот

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Експлозијата во Бејрут е мрачен потсетник за длабоко потресителен факт. Илјадниците тони амониум нитрат кои беа небезбедно складирани на пристаништето не се единствениот случај каде што се заканува потенцијална катастрофа, пренесува „BBC“.

На Филипините, во Украина, Грузија, Либија и во Гвинеја-Бисао има складишта со опасна муниција која е останата од минатите, како и од поновите конфликти, а некои од нив се наоѓаат во непосредна близина на градовите.

Според швајцарската агенција „Смол армс сурвеј“, помеѓу 1979 и минатата година речиси 30.000 луѓе низ 101 земја загинале или биле повредени од експлозии на места за складирање муниција.

– Првиот потребен чекор е владите да се натераат да признаат дека овие складишта за оружје се небезбедни. Тие не се сметаат за проблем сè додека не експлодираат – истакна Симон Конвеј, директор во британската добротворна организација за расчистување на мини „Хејло Фонд“.

Вториот чекор е искусни луѓе да ги отстранат експлозивите од небезбедната локација и потоа да ги уништат. Честопати, вели Конвеј, ваквите складилишта имаат лошо обезбедување, а состојките и експлозивите се користат за правење импровизирани експлозивни направи.

По Бејрут, за кои други места експертите за муниција сметаат дека се потенцијални „темпирани бомби“?

„Хејло Фондот“ информира дека на Филипините има 1,6 милиони експлозивни предмети, кои потенцијално можат да го уништат локалниот аеродром во Корегидор и да бидат закана за бродови во Заливот Манила. Локални власти и морнарицата го повикаа фондот да го консултираат за тоа како е најдобро безбедно да се отстрани оваа муниција.

Едно од најзагрижувачките места е во западноафриканската држава Гвинеја-Бисао, каде непознато количество на бомби од времето на Советскиот Сојуз ‘рѓосуваат од 1950-тите години сместени во неколку стари бараки, кои се наоѓаат близу до населението. Разговори со властите за тоа како безбедно да се отстранат започнаа од 2005 година, но процедурите се забавени од локалните политичари.

Либија е преплавена со оружје и муниција уште од револуцијата во 2011 година што го собори режимот на Моамер Гадафи. ООН проценува дека има повеќе од 200.000 тони муниција што не се пресметани и надвор од владината контрола. Расчистувањето е попречено од ковид-пандемијата, како и од постојаната опасност од тековната граѓанска војна во Либија.

Украина има голем број складишта со оружје од времето на СССР, а во 2017 година, две од нив експлодираа. Во првиот случај, во источна Украина експлодира складиште ракети и артилериски гранати, поради што беа евакуирани повеќе од 20.000 жители. Другата експлозија предизвика огромна огнена топка видлива од голема далечина, уништувајќи околу 32.000 тони муниција.

Во август 2017 година, експлозија на магацин во Грузија беше предизвикана од 2.000 тони високоексплозивна муниција, која испрати проектили во воздухот на оддалеченост од 12 километри. Оттогаш „Хејло Фондот“ ја расчистува областа, уништувајќи повеќе од 90.000 парчиња експлозив, но една третина од погодената област сѐ уште не е безбедна и треба да се расчисти.

Катастрофата во Бејрут е застрашувачки потсетник за тоа што може да се случи кога нестабилниот експлозивен материјал е небезбедно складиран.

Сподели.