Балкански „мини Шенген“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Северна Македонија, Србија и Албанија ќе работат поблиску заедно за отстранување на пречките за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите. Но целта и натаму останува полноправно членство во ЕУ.

Полесен и побрз премин на заедничките граници, дозволи за работа кои ќе важат за трите земји, патување со лични карти и заеднички контроли на границите меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, договорија во Охрид Зоран Заев, Александар Вучиќ и Еди Рама. Идејата, чија реализација започна пред еден месец на состанокот на тројцата државници во Нови Сад, ќе продолжи да се развива за еден месец и во Драч. Кон неа се поканети да се приклучат и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Претставници на БиХ и Црна Гора беа во Охрид, но не и на Косово за што добија критики од албанскиот премиер Рама.

Тројцата промотори на идејата уверуваат дека не се работи на создавање ни на нова Југославија, ниту на Голема Албанија, туку се прави обид да се развие регионалната соработка.

„Тука нема никакви Југославии, тука има само подобар живот на нашите граѓани. Можеби некој ќе се обиде ова да ни го уништи, но тоа секако е иднината“, рече претседателот Вучиќ на прес-конференцијата во Охрид.

Тројцата лидери уверуваат, а тоа е јасно наведено и во завршната декларација, дека проектот не е алтернатива за полноправното членство во ЕУ.

„Уверен сум дека овие напори се во поддршка на нашите амбиции за членството во ЕУ. Исто така сум цврсто убеден дека оваа иницијатива и конкретните мерки и резултати ќе предизвикаат позитивно внимание и во Европската Унија и кај секоја од земјите членки на ЕУ“, изјави премиерот Заев.

„Оваа иницијатива ќе не факторизира како регион, и ќе ја факторизира секоја земја од Западен Балкан уште повеќе во процесот за членство во ЕУ“.

Сподели.