Бабиш: Ќе биде демотивирачки, ако нема датум за преговори

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Република Чешка ја поддржува Северна Македонија и ќе направиме сѐ за што побргу да ги почнете преговорите за членство во ЕУ и да станете полноправен член на НАТО, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој со својата делегација е во еднодневна посета на Скопје

Пофалби за сработеното и отворени пораки за поддршка на нашата земја за почеток на преговорите со Европската Унија стигнаа денеска од чешкиот премиер Андреј Бабиш кој престојува во официјална посета на Скопје. По средбата со неговиот македонски колега Зоран Заев, Бабиш неколкупати повтори дека Чешката Република е искрен пријател и поддржувач на нашата земја, истакнувајќи дека Европскиот Совет треба да ја награди Северна Македонија за сработеното.

„Одлично е што конечно најдовте заеднички јазик со Грција, го променивте името на земјата, ги исполнивте критериумите, го сменивте уставот, спроведовте референдум. Европските политичари ви ветија дека кога ќе го направите сето тоа, ќе се отворат преговорите, затоа треба и мора да си го одржат зборот. Бидејќи ако тоа не се случи, ќе биде многу демотивирачки кон граѓаните и целиот регион. Република Чешка го поддржува отворањето на преговорите за членство со вашата земја“, истакна премиерот Бабиш.

Сподели.